zname_mk mk_z33t zname_mk

РАДИОАМАТЕРСТВО - ИНТЕРЕСНО И КОРИСНО ХОБИ ЗА СИТЕ ВОЗРАСТИ


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


Радиоаматерството е прекрасно и многу корисно хоби кое опфаќа повеќе технички дисциплини.

Радиоаматерството на еден интересен, забавен и едукативен начин овозможува стекнување на техничко знаење кое на младите ќе им користи во текот на целиот живот. Тоа не е само просто комуницирање преку радиобрановите, туку има многу пошироки граници. Основата е интересот и љубовта кон радиотехниката, електрониката и телекомуникациите, самоградба на електронски и радиотехнички уреди. антени и слично. Да се дознае нешто повеќе, да се проба нешто поинаку, да се направи нешто подобро. Познато е дека преку интересни експерименти, забава и практична проверка на стекнатото знаење, најдобро се учи.

pocituvani_roditeli

Кај нас зборот „Аматер“ понекогаш се употребува несоодветно и има негативно значење. Често пати „аматер“ го нарекуваме некого за кого сакаме да кажеме дека е помалку способен, односно не е „професионалец“ или има недоволно познаваење за некои работи, за разлика од некој кој е „професионалец“ ! Вистината е сосема спротивна. Радиоаматерите во светот се „најодговорни“ за проаноѓањето на речиси сите иновации на полето на радиотехниката и телекомуникациите. Тие се интересираат и градат разни радиотехнички уреди од мали радио склопови и антени, па се до сложени телекомуникациски компјутеризирани уреди и огромни антенски системи.
Радиоаматери има и меѓу врвните инженери-професионалци, магистри, доктори на науки, истражувачи, професори. Радиоаматери има и помеѓу познатите успешни глумци, претседатели на држави, астронаути, научници...

rsm_logo

Современото радиоаматерсто има повеќе радиотехнички дисциплини, а најчесто се практикуваат следниве:
- Аматерско радиооператорство (АРО)
- Аматерско радиоконструкторство (АРК)
- Аматерска радиогониометрија (АРГ)
- Брза телеграфија (HST-high speed telegraphy)
- Радиоаматерска мрежа за опасност (РМЗО)
- Други активности поврзани со радиотехниката, електрониката и телекомуникациите.

rsm1

За жал, понекогаш радиоаматери се нарекуваат и некои нестручно приучени мајстори кои неодговорно буричкаат и копаат по радиоуредите, а нивната некадарност се нарекува аматеризам. Вистинските радиоаматери се занимаваат со радиотехниката и електрониката наоѓајќи златна средина помеѓу стручна работа, љубопитност, забава, експериментирање со јасна цел да што подобро ја осознаат радиотехниката, простирањето на радиобрановите, градба на разни уреди, антени, воспоставување на радиоврски за пренос на аналогни и дигитални информации како што се говор, телеграфски знаци, аудио, видео, дигитални податоци и слично.

Голем број радиоаматери во светот со својата долгогодишна работа и стекнато искуство станале поголеми стручњаци од некои професионални радиотехничари или електроничари. Многу врвни телекомуникациски и радиоинженери својата кариера ја започнале како радиоаматери. Затоа може слободно да се констатира дека радиоаматерството освен како хоби има и значителна општествено корисна компонента.

Всушност вистинското значење на зборот „Аматер“ е „Љубител“, па така радиоаматер значи љубител на радиото. Радиоаматерите се љубители на радиотехниката, електрониката, телекомуникациите, компјутерската техника и се друго што е слично на тоа.

sobit_kr2s

Една работа е само да комуницирате со некого преку мобилен телефон или да се допишувате преку интернет, а сосема друг, многу повозбудлив начин е кога комуницирате преку радиостаница со истомисленици од целиот свет, запознавајќи нови пријатели. Радиоаматерите не се задоволуваат само со тоа што некои други ќе им „сервираат“ готов уред, а тие само да го користат и да комуницираат со другите преку таков фабрички направен уред. Тие се интересираат и се љубопитни да дознаат како работат таквите уреди, како се пренесуваат пораките и податоците преку етерот, кабелот или преку друг преносен медиум. Радиоаматерите постојано истражуваат, експериментираат и се прашуваат себе си, дали уредите за комуникација можат да се подобрат? дали можеби постои поинаков и подобар начин за комуникација и пренос на податоци?

sobir_kr1s

Радиоаматерите во својата основа се љубители на науката и техниката, особено на радиотехниката, електрониката, компјутерите, роботиката и слични технички гранки. Тие постојано си поставуваат прашања и настојуваат да го најдат одговорот за тоа дали и како може да се направи подобра, полесна и поевтина и можеби поедноставна комуникација од постоечката? Експериментираат и се обидуваат да направат подобри антени, да го зголемат дометот на радиосигналите. Потоа, некои се интересираат како да пренесат преку некој медиум поголема количина на информации во единица време и слично. Зашто, да не заборавиме, секогаш може подобро, поевтино, поедноставно и поубаво.

На пример, огромна е радоста кога преку радиостаницата ќе си го слушнеш својот личен повикувачки знак, како некој од другата страна на светот ве повикува, бидејќи ве слушнал меѓу мноштвото други радиоаматери кои го повикуваат и се обидуваат да воспостават радиоврска со него.

Огромна е радоста кога некој електронски уред сам ќе си го направиш и ќе проработи.

Непроценливо е задоволството кога самиот ќе си направиш радиостаница, ќе си поставиш едно парче жица која ќе ја пресметаш да биде токму колку што треба и ќе воспоставиш радио врска со некого од другата страна на светот или со космонаут од Меѓународната вселенска станица која кружи околу Земјата.

Стекнатото знаење на овој начин може да се примени така што радиоаматерот може да направи далеку поевтини уреди од оние што се продаваат во продавниците.

obuka_ark2.
Обука на млади радиоаматери за тајните на радиотехниката
е електрониката во радио клубот во Штип

Еден просечен радиоаматер, кој се стекнал со определено знаење од радиотехниката и електрониката, може многу едноставно, евтино и лесно, сам да си изработи радиостаница и антена, па преку радиобрановите да комуницира со истомисленици од светот. Притоа стекнува се повеќе и повеќе знаење за простирањето на радиобрановите, кои патуваат низ просторот со незамисливо голема брзина...

Техничкото знаење кое ќе го стекнат младите радиоаматери, ќе им користи во текот на целиот живот. Најголем број од радиоаматерите кои ги познавам, а почнале од мали да се интересираат за радиотехниката, денес професионално работат и заработуваат за својот живот од своето знаење стекнато како радиоаматери. Некои од нив станале сервисери за машини и уреди во индустријата. Некои станале инженери, магистри, доктори на науки. Некои постојано истражуваат и откриваат нови знаења кои ќе ги направат никогаш да не им е досадно...

Родителите кои своите деца ќе ги заинтересираат, односно ќе им всадат љубов кон некои од техничките дисциплини на радиоаматерството, можат да бидат сигурни дека нивното дете ќе биде подалеку од девијантните појави во општеството како што се насилство, дрога, алкохол и слично. Преку дружењето во радиоклубовите или надвор од нив, децата стекнуваат благородни особини како што се желбата за дружење, истражување и стекнување на нови знаења. Со самото тоа, младите се здобиваат со драгоцени вештини кои ќе им користат во животот. На пример, полесно ќе ги разберат техничките предмети во училиштето. Полесно ќе се запишат во средно училиште и на факултет, а потоа, полесно ќе најдат работа и ќе се вработат на работни места поврзани со техниката. Тука не треба да споменувам дека работните места поврзани со техниката, електрониката и компјутерите се многу добро платени...

obuka_veles1.
Тоде, Z31RM, држи предавање за дигитални радиоаматерски комуникации
на Собирот на езерото Младост крај Велес во 2017 годинa

На еден радиоаматер никогаш не му е досадно бидејќи има толку многу различни интересни нешта од областа на радиоаматерството, што обидувајќи се да ги осознае, испита и научи, времето „просто му пролетува“ и тоа на најинтересен можен начин...

Уште од своите рани зачетоци на радиоаматеризмот во светот, радиоаматерите со своите обиди и експерименти, ги пронашле речиси сите нови радиокомуникациски техники (вклучително и мобилната телефонија) кои денес ни овозможуваат благопријатно да комуницираме.
Тука не се исцрпуваат радиоаматерските полиња на делување. Напротив, телекомуникациските технологии толку многу се менуваат, што секогаш ќе има нови и нови нешта кои ќе бидат интересни за еден радиоаматер да ги осознае, да ги проучи и да проба да ги применува...

Радиоаматерството има своја посебно значајна корисна улога во општеството, особено преку својата, таканаречена Радио мрежа за опасност (РМЗО), која во определени моменти може да помогне да се спасат човечки животи. Поопширно за оваа радиоаматерска дисциплина можете да прочитате овде: РМЗО

rmzo2.
Запознавање на членовите на Црвениот крст на Македонија со РМЗО во Лесново, 2017 година

Се надевам дека напишаното погоре во овој текст беше доволен предизвик за да Ве заинтересирам за радиоаматерското хоби. Во продолжение уште неколку фотографии од радиоаматерски активности во Македонија:

zapoznavanje1.
Запознавање на ученици од основните училишта во Штип,
со радиоаматерството како многу интересно и корисно хоби

zapoznavanje2

yota1

diplomi

 

Младите љубители на радиотехниката и електрониката можат да се зачленат во некои од постоечките радио клубови во Македонија каде ќе можат да се дружат со свои врсници, да разменуваат сопствни искуства, но и полесно да ги научат тајните на интересното радиоаматерско хоби од повозрасните и поискусните клубски членови. Голем дел од македонските радиоаматери членуваат во фејбук-групата Радиоаматери-Македонија, каде исто така има интересни радиоаматерски содржини.

Еве едно видео за радиоаматерското хоби подготвено од радиоаматерите на Велика Британија, а јас само го преведов и прилагодив за наши потреби кога го презентираме нашето хоби во училиштата.

Следуваат неколку линкови од каде можете малку поопширно да се запознаете со радиоаматерството.

- Радиоаматерски врски со телефонија (фонија)

- Радиоаматерски врски со телеграфија, односно со морзеовата азбука

- Аматерска Радиогониометрија (АРГ)

- Аматерско радиооператорство (АРО)

- Аматерско радиоконструкторство (АРК)

- Симплекс и Дуплекс VHF/UHF радиоврски

- Радиоаматерски УКБ-врски на растојание од 200 км со евтини рачни радиостаници

- Радиоаматерски врски преку јонизирани метеорски трагови

- Радиоаматерски кратенки

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Електрицитет, електрична струја и електромагнетни бранови

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Отпорници

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Кондензатори

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Калеми - индуктивитети

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Трансформатори

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Попупроводници

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Радиоаматерски опсези

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Радиобранови и нивно простирање

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Лемење

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Фото-Реле

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Мултивибратор-Осцилатор со транзистори од ист вид

- Радиотехника и електроника (почетен курс) - Мултивибратор-Осцилатор со комплементарни транзистори

- Коаксијални кабли

- Радиоаматерска мрежа за опасност - РМЗО

 

Миле Кокотов (2021 година)

Авторот е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката и е Претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија

Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница


I Z33T home page I страници на македонски јазик I