zname_mk mk_z33t zname_mk

АМАТЕРСКО РАДИООПЕРАТОРСТВО (АРО)


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


Аматерско радиооператорство (или радиоаматерско операторство) е интересна радиоаматерска активност при која радиоаматерите - оператори одржуваат радиоврски со своите колеги од целиот свет. Притоа се користат уреди - радиостаници и антени кои можат да бидат купени (фабрички), или изработени по принципот направи сам. Поспретните радиоаматери, особено оние кои ја сакаат електрониката, можат и сами, или со помош на поискусни радиоаматери, да си ги направат своите уреди и антени за комуникација.

sl2 . sl3s

Ова е прекрасно хоби кое освен што е многу интересно, овозможува стекнување на техничко знаење кое на младите ќе им користи во текот на целиот живот.

Радиооператорството е само една од многуте радиоаматерски активности кои го прават ова хоби многу разновидно. Радиоаматерите-оператори одржуваат радиоврски преку радиобрановите. Одржувањето на радиоврски, освен што е интересно, исто така е и многу корисно за младите радиоаматери. Преку одржување на радиоврски радиоаматерите се запознаваат со други радиоаматери и стекнуваат нови пријатели од целиот свет. Притоа се стекнува и развива корисно техничко знаење и телекомуникациски вештини. Еве само дел од нив:

- сознанија за ширење на радиобрановите и нивните карактеристики во зависност од фреквенцијата односно брановата должина;
- стекнување на знаење за техниките за радиокомуникација, разни видови на модулација и пренос на сигнали преку радиобранови;
- влијание на атмосферата и јоносферските услови на простирањето на радиобрановите;
- практично запознавање со разни видови на антени и нивни карактеристики;
- усовршување на странски јазик - при одржување на радиоврски со странските радиоаматери, најчесто се користи англискиот јазик, потоа француски, германски, шпански, италијански и др.

Некои интересни податоци за радиоаматерството можете да видете на ова видео.

aro2ss.
На горната фотографија е Неда, Z33IKN/Y од Скопје,
која ужива да комуницира со радиоаматери од светот.

За да се биде аматерски радиооператор кој само ќе ги слуша радио сигналите со помош на радиоприемник, не е потребна никаква дозвола или лиценца, но за да се емитува радиосигнали во етерот преку радиопредавател или трансивер, потребна е радиоаматерска лиценца. Лиценцата се добива откако претходно ќе се положи испит за радиоаматерски оператор. Полагањето го спроведува државната Агенција за електронски комуникации (АЕК), по претходно пријавување од заинтересираните лица кои сакаат да се здобијат со лиценца. Во Македонија постојат два вида на лиценци. Тоа се почетничка лиценца која ја добиваат лицата кои положиле испит за радиоаматерска „П-класа“ и напредна лиценца која ја добиваат лицата кои положиле испит за радиоаматерска „А-класа“. Откако ќе се положи за некоја од радиоаматерските операторски класи, може да се аплицира за добивање на радиоаматерски знак. Секој радиоаматерски оператор со положена лиценца може да има радиоаматерски знак кој е единствен во светот. Радиоаматерскиот повикувачки знак се користи за идентификација (наместо име и презиме) при меѓусебната радиоаматерска комуникација. Радиоаматерските лиценци се меѓународни и имателите можат да користат радиостаници и при патување во странство.

Пријавување за полагање испит за некоја од радиоаматерските класи може да се направи преку веб-страницата на АЕК, а претходно се пополнува формулар кој исто така го има на нивната веб-страница.

На овој линк од веб-страницата на АЕК се наоѓа Правилник за користење на радиофреквенции во радиоаматерска служба.

Радиоаматерските оператори комуницираат меѓусебно употребувајќи радиостаници кои емитуваат радиосигнали со различна модулација. На пример, можат да си разговараат користејќи радителефонија, радиотелеграфија (со помош на морзеови сигнали), да разменуваат слики говор или други пораки користејќи дигитални видови на модулација итн.

За радиоаматерските комуникации со радиотелефонија (со разговор преку микрофон), можете подетално да прочитате на овој ЛИНК.

За радиоаматерските комуникации со телеграфија, користејќи морзеова азбука можете подетално да прочитате на овој ЛИНК.

За радиоаматерски комуникации преку рефлексија од јонизирани метеорски трагови можете подетално да прочитате на овој ЛИНК.

Постојат и други интересни начини на радиоматерка комуникација, како на пример, комуникација со астронаутите од Меѓународната вселенска станица, потоа комуникација преку рефлексија на радиобрановите од Месечината итн.

aro1ss.
На горната фотографија е Симе, Z31NA од Прилеп, кој демонстрира
одржување на радиоаматерски врски од портабл локација

Радиоаматерите меѓусебно разменуваат таканаречени QSL-картички, како потврда за одржаната радиоврска.Откако ќе се собере определен број на QSL-картички може да се добијат разни дипломи и признанија, па така, голем број на радиоаматери, наречени „ловци на дипломи“, уживаат да соберат што поголем број на различни дипломи од целиот свет.

qsl1 . qsl2.
QSL-картички кои авторот на овој напис ги има добиено како
потврда за одржани радиоврски со радиоаматери ширум светот

 

Младите љубители на радиотехниката и радиоператорството можат да се зачленат во некои од постоечките радио клубови во Македонија каде ќе можат да се дружат со свои врсници, да разменуваат сопствни искуства, но и полесно да ги научат тајните на интересното радиоаматерско хоби од повозрасните и поискусните клубски членови. Голем дел од македонските радиоаматери членуваат во фејбук-групата Радиоаматери-Македонија, каде исто така има интересни радиоаматерски содржини.

aro3ss . aro4ss.
На горните фотографии се млади радиоаматери, Мето (Z33MED) и Дарко (Z33JBT) од Штип

Постојат голем број на меѓународни радиоаматерски натпревари (контести) во кои учествуваат голем број на радиоаматерски оператори од целиот свет. Натпреварите имаат повеќе натпреварувачки категории, а македонските радиоаматери во разни категории постигнуваат завидни резултати.

 

aro5s.
Велјан, Z33C работи во радиоаматерски натпревар (контест), а позади него се млади радиоаматери
од радио клубот Никола Тесла - Штип, кои „собираат“ искуство од својот постар клубски колега

 

obuka2.
Обука на млади радиоаматери од Штип - Курс за телеграфија (Морзеова азбука)

obuka3.
Обука на млади радиоаматери од Штип - Курс за телеграфија (Морзеова азбука)

obuka4.
Обука на млади радиоаматери од Штип - Курс за радотехника

obuka5.
Обука на млади радиоаматери од Штип - Курс за радиотехника

obuka1.
Обука на млади радиоаматери од Штип. Велјан, Z33C, ги воведува младите
во тајните на работењето со радиостаница и одржување радиаматерски врски

aro_cw.
Иван (Z33IMS) од Штип, вежба телеграфија

obuka_portabl1
Обука на млади радиоаматери од Штип за портабл работа со радиостаница во природа

prezentacija1
Презентација на радиоаматерството на млади ученици од Штип, 2019 година

 

anteni1.
Mлади радиоаматери од Штип учат како се изработуваат и поставуваат антени

 

anteni2.
Mлади радиоаматери од Штип учат како се изработуваат и поставуваат антени
Од лево на десно: Иван (Z33IMS), Велјан (Z33C), Дарко (Z33JBT), Мето (Z33MED), Бобан (Z33BOB) и Иван (Z33ROC)

 

anteni3s.
Поставување на антени на контест локација крај Штип
(кликнете на фотографијата за да ја видете во поголема резолуција)

Еве едно видео снимено на Собирот на радиоаматерите од Македонија во манастирот Св.Спас крај Крушево, во кое претседателот на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија, Миле Кокотов, Z33T, говори за радиооператорството како интересна радиоаматерска дисциплина за млади и возрасни. Видеото можете да го погледнете на следниов ЛИНК.

Работењето со фабрички уреди е интересно и овозможува уживање во радиоаматерското хоби, ама чувството кога самиот ќе си направиш уред или антена и ќе одржиш врска со некој од другата страна на планетата е незаменливо! Изработката на радиоуреди, антени и други радиотехнички склопови е активност на една посебна радиоаматерска диспиплина која се нарекува аматерско радиоконструкторство (АРК).

Погледнете некои од другите интересни радиоаматерски дисциплини и активности на овие линкови:

- Радиоаматерство - прекрасно корисно хоби за сите возрасти

- Аматерско радиоконструкторство (АРК)

- Аматерска радиогониометрија (АРГ)

- Радиоаматерска мрежа за опасност (РМЗО)

- Радиоаматерски врски со телефонија (фонија)

- Радиоаматерски врски со телеграфија, односно со морзеовата азбука

- Симплекс и Дуплекс VHF/UHF радиоврски

- Радиоаматерски УКБ-врски на растојание од 200 км со евтини рачни радиостаници

- Радиоаматерски врски преку јонизирани метеорски трагови

 

 

 

Миле Кокотов (2021 година)

Авторот е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката и е Претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија

Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница


I Z33T home page I страници на македонски јазик I