zname_mk mk_z33t zname_mk

АМАТЕРСКА РАДИОГОНИОМЕТРИЈА (АРГ)


I Z33T home page I страници на македонски јазик I



arg_logo_png

Вовед

Радиоаматерството е прекрасно хоби кое освен што е многу интересно, овозможува стекнување на техничко знаење кое на младите ќе им користи во текот на целиот живот. Некои интересни податоци за ова корисно и занимливо хоби можете да видете на ова ВИДЕО.

Аматерска радиогониометрија или скратено АРГ, е интересна спортско-техничка радиоаматерска дисциплина, популарно наречена „лов на лисици“. Ја практикуваат радиоаматери од сите возрасти, од најмладите до највозрасните и многу е забавна, возбудлива и корисна.
Се работи за натпреварувачка активност при која се пронаоѓаат претходно скриени радио предаватели (популарно наречени „лисици“), со помош на специјален радио приемник (популарно наречен „лисичар“). Целта е да се пронајдат сите скриени радио предаватели за што пократко време. Најчесто се разместуваат 3 до 5 радио предаватели на отворен простор од неколку квадратни километри.

arg1.
Моменти од АРГ-натпреварот за време на Собирот на радиоаматерите
од Македонија крај Велешко езеро, 2017 година.

 

Аматерската радиогониометрија прави симбиоза од неколку многу корисни работи за младите и за возрасните (техничко знаење, физичка спремност и општа интелигенција), па како таква, оваа активност има многу позитивни придобивки:

- Запознавање со радио-техниката и електрониката (најголемиот број на радиоаматери сами си ги изработуваат своите АРГ-приемници - „лисичари“);

- Стекнување на систем од вештини за ориентација и снаоѓање во просторот, користење на карта и компас;

- Развивање на менталните и когнитивните способности, како и развој на интелигенцијата, особено кај помладите;

- Спортување и подобрување на општите физички способности преку трчање за што побрзо да се најдат „лисиците“, Тоа подразбира излегување од дома и рекреација на отворено - на чист воздух;

- Дружење и запознавање на нови пријатели.


АРГ-предавателите автоматски емитуваат определени сигнали кои можат да се слушнат со АРГ-приемникот. Секој АРГ-предавател („лисица“) емитува различни сигнали преку кои може да се идентификува. Лисиците емитуваат по една минута редоследно една по една, од првата до последната лисица, а потоа циклусот се повторува. На пример, ако натпреварот е со 5 скриени „лисици“, тогаш најнапред првата лисица емитува една минута. Потоа првата лисица престанува со емитување, а започнува да емитува втората лисица, па третата, четвртата и петата. Потоа циклусот се повторува од почеток, се до завршување на натпреварот.


Постојат повеќе методи за лоцирање и пронаоѓање на „лисиците“ со помош на „лисичар“. При лоцирањето на скриените „лисици“ може да се користи топографска карта или друга карта за ориентирање во просторот, така што се вцртуваат правците и насоките од каде што се слушаат сигналите на „лисиците“ и на тој начин на картата се определуваат локациите на скриените лисици. Потоа останува да појдеме до секоја скриена лисица, во најбрз временски период, да се „регистрираме“ (како доказ дека сме ја пронашле) и да пристигнеме на целта. Победник е оној кој за најкратко време ќе пристигне на целта со доказ дека ги пронашол сите скриени лисици.

 

arg2.
Обука на младите за „лов на лисици“
(за време на Собирот на радиоаматерите крај езерото „Младост“-Велес во 2017 година)

 

Различни имиња за иста активност
Во земјите со англиско говорно подрачје, аматерската радиогониометрија најчесто се нарекува со имињата: ARDF (Amateur Radio Direction Finding), и Radio Orienteering, a поретко со името Radiosport.
Веќе спомнав дека кај нас оваа спортско-техничка дисциплина се нарекува Аматерска Радиогониометрија или скратено АРГ, а понекогаш и „Лов на лисици“. Приемникот за АРГ се нарекува „лисичар“ или гониометар. Во основа, гониометарот е мерен инструмент за мерење на агли. Името му доаѓа од старогрчкиот збор „гонио“ што значи агол. Постојат различни видови на гониометри кои освен за радиогониометрија се употребуваат за навигација, топографија, геодезија, кристалографија и др. Радиогониометрите се употребуваат за определување на правецот и насоката од која се емитуваат радиобрановите, односно местото каде се наоѓа радиопредавателот и токму тие „инструменти“ се користат во аматерската радиогониометрија.

arg3

АРГ-приемник (гониометар), односно „лисичар“
АРГ натпреварите се одржуваат со скриени АРГ-предаватели кои емитуваат на 3,5 MHz, односно фреквенциско подрачје со бранова должина од 80 метри и АРГ-предаватели кои емитуваат на 144 MHz, односно фреквенциско подрачје од 2 метри. Поради тоа, постојат соодветни АРГ-приемници за 3,5 MHz, односно фреквенциско подрачје со бранова должина од 80 метри и  АРГ-приемници за 144 MHz, односно фреквенциско подрачје од 2 метри.
АРГ-приемникот ги прима радиосигналите кои се емитуваат од АРГ-предавателите. Еден од најважните делови на АРГ-преимникот е антената која треба да има насочена карактеристика на прием за да може да се определи правецот и насоката од каде се примаат радиобрановите.
АРГ-приемниците за 3,5 MHz најчесто имаат феритна антена, а АРГ-приемниците за 144 MHz имаат насочена јаги натена.


Феритна антена
Феритната антена се користи кај приемниците за АРГ на 3.5 MHz (80m). Taa претставува еден калем од влезното осцилаторно коло на радиоприемникот, намотан на една феритна прачка.

arg3a

Феритната антена најдобро ги прима сигналите од АРГ-предавателот кои доаѓаат од правец кој е нормален на оската од феритната антена, односно од правец кој е под агол од 90 степени на оската, а најслабо ги прима сигналите кои доаѓаат од АРГ-предавателот кон кој е насочена оската на антената.

arg3b

Правецот кој поминува низ оската на феритната антена има многу јасен изразен минимум на прием, па оваа карактеристика се користи за прецизно определување на правецот (азимутот) каде се наоѓа АРГ-предавателот.

arg4

 

Определување на правецот и насоката кон скриениот АРГ-предавател со употреба на помошна антена
Современите АРГ-приемници (лисичари) за 3,5 MHz, освен феритната антена имаат и таканаречена помошна антена, со чија помош брзо се определува насоката кон местото на АРГ-предавателот, односно дали АРГ-предавателот се наоѓа напред или назад на правецот кој претходно сме го определиле со феритната антена.

arg_princip_pom_ant

Кога феритната антена се комбинира со помошната антена, се добива еднонасочен прием на АРГ-приемникот, притоа кривата на осетливост е во вид на кардиоида, која на горната слика е означена со црвена боја.

Претходно објаснив дека феритната антена е двонасочна, а кривата на осетливост на феритната антена е во вид на „осмица“ со јасно изразени минимуми. Кривата на осетливост на феритната антена е прикажана на горнава слика во вид на испрекината крива линија во вид на осмица со сина боја.

Од друга страна, помошната антена кај современите АРГ-приемници ги прима сигналите од сите страни подеднакво, па кривата на осетливост (кривата на приемот) на помошната антена е во вид на круг, бидејќи ги прима сигналите од сите насоки подеднакво добро. Кривата на осетливост на помошната антена е прикажана на горнава слика со испрекината кружна линија со црна боја.

Кога овие две антени ќе се вклучат заедно, а тоа се прави најчесто со притискање на еден тастер на АРГ-приемникот, со кој се вклучува и помошната антена, тогаш кривата на осетливост на приемникот се променува и приемот станува еднонасочен, во вид на кардиоида која на горната слика е означена со црвена боја.

При определување на местоположбата на скриениот АРГ-предавател, најнапред го определуваме правецот со помош на феритната антена од АРГ-приемникот, држејќи го во рака и вртејќи го за да го определиме минимум на сигналот од предавателот. Сега го знаеме правецот, но не знаеме дали скриениот АРГ-предавател е напред или позади нас. За да го дознаеме тоа, односно за да ја определиме насоката кон предавателот, ја вклучуваме помошната антена, го свртуваме АРГ-приемникот за 90 степени во лево и 90 степени во десно (во однос на правецот на минимумот на сигналот определен само со феритната антена) и ја слушаме јачината на приманиот сигнал од АРГ-предавателот. Притоа можни се две ситуации:

- Ако сигналот е посилен при свртување на „лисичарот“ во лево за 90 степени од правецот на минимумот, и сигналот е послаб при свртување на „лисичарот во десно (во насока на движење на стрелките на часовникот) за 90 степени од правецот на минимумот, тогаш скриениот АРГ-предавател се наоѓа нанапред (види ја црвената крива на горната слика).

- Ако сигналот е послаб при свртување на „лисичарот“ во лево за 90 степени од правецот на минимумот, и сигналот е посилен при свртување на „лисичарот во десно (во насока на движење на стрелките на часовникот) за 90 степени од правецот на минимумот, тогаш скриениот АРГ-предавател се наоѓа позади нас (види ја црвената крива на горната слика).

Потоа ја исклучуваме помошната антена и се движиме кон скриениот АРГ-предавател во насоката која сме ја определиле, притоа, постојано го проверуваме правецот со помош на минимум на сигналот приман само со феритната антена.

 

Јаги антена
Арг-приемниците за 144 MHz (2м опсег) користат Јаги антени. Тие најчесто се двеелементни или триелементни јаги антени и најсилно го примаат сигналот кога се насочени кон него.  На тој начин го оределуваме правецот и насоката во која се наоѓа АРГ-предавателот.

arg5a arg5b

arg6

 

Основен принцип за определување на местоположбата на радиопредавателот
За определување на местото каде се наоѓа радиопредавателот, потребно е да се направи гониометрирање од најмалку две точки, при што точките од кои се врши гониометрирањето треба да бидат на доволно меѓусебно растојание во однос на оддалеченоста на радиопредавателот. Најнапред од некоја точка во просторот (точка 1 на сликата) се слуша сигналот на радиопредавателот, се определува превецот и се вцртува на топографската карта (правец А на сликата).

arg7

Со гониометрирање од само една точка, можеме да го определиме правецот и насоката во кој би требало да се наоѓа предавателот, но не можеме да ја определиме точната локација, односно не знаеме колку далеку од нас се наоѓа радиопредавателот. Затоа се поместуваме кон друга точка во просторот (точка 2 на сликата) и од таа точка го слушаме сигналот на радиопредавателот и вршиме гониометрирање, односно го определуваме правецот и насоката од каде доаѓат радиобрановите на предавателот и тој правец го нанесуваме на топографска карта (правец Б на сликата).
Откога ќе ги нанесеме правците на топографската карта од најмалку две точки од кои сме направиле гониометрирање, можеме да ја определиме локацијата на радиопредавателот, односно тој се наоѓа на местото каде што се сечат линиите за правците што сме ги нацртале на картата ( правец А и Б на сликата). Тоа место, односно точка е означено со број 3 на сликата.

Претходно спомнав дека со користење на помошната антена која ја имаат современите АРГ-приемници за 3,5 MHz, може веднаш, со гониометрирање од само една точка да се определи и правецот и насоката кон скриениот АРГ-предавател.

 

Во ова видео можете да видете како практично се определува правецот и насоката од каде доаѓа сигналот, а со тоа да се пронајде АРГ-предавателот („лисицата“):

АРГ-Видео туторијал за почетници

Еве уште едно видео за определување на правецот и насоката на АРГ-предавател:

Тест на АРГ-предавател „Лисица“

Еве како изгледа еден АРГ-натпревар:

АРГ-Штип - 2019

 

Карта за Аматерска Радиогониометрија
Порано спомнав дека аматерската радиогониометрија претставува спортско-техничка дисциплина при која се применува ориентацијата во просторот со помош на карта за АРГ на која се нанесуваат измерените правци и насоки на АРГ-предавателите со цел полесно да се определи локацијата на истите. Еве една таква карта:

arg8

 

Поопширно за аматерската радиогониометрија можете да прочитате во книгата „Прирачник за Аматерска Радиогониометрија“ напишана од Јоле Јолески, Z31JJ, кој за време на својот живот беше активен радиоаматер, учесник во многу АРГ-натпревари и се залагаше за популаризација на оваа радиоаматерска дисциплина во Македонија. Книгата се наоѓа на овој ЛИНК.

Интересни АРГ-информации има и во книгата „Uvod u amatersko radio-goniometrisanje" од Ivo Sesartic, издадена во 1980 година. Книгата е напишана на српскохрватски јазик и се наоѓа на овој ЛИНК.

 

Во продолжение се неколку фотографии од АРГ-активности во Македонија:

arg9

arg10

arg11

arg12

arg13.
Кратка обука на младите натпреварувачите во „лов на лисици“ за време на Собирот крај Велешко езеро, 2017

arg14

arg15

arg15a

arg53

arg17.
Дипломи на натпреварувачите во „лов на лисици“ за време на Собирот крај Велешко езеро, 2017

arg18

arg52

arg51

arg19

arg16
Обука на младите за „лов на лисици“

arg31.
Кратка обука на натпреварувачите во „лов на лисици“ за време на Државниот натпревар крај Штип, 2019

arg32

arg33

arg34

arg57.
Обука на млади натпреварувачи за „лов на лисици“ крај Пробиштип, 2018 година

arg58.
Група млади натпреварувачи во „лов на лисици“ за време на Собирот во манасторот Св.Спас крај Крушево

arg59

arg60.
Група млади натпреварувачи во „лов на лисици“ за време на Собирот во манасторот Св.Спас крај Крушево

arg61

arg62

obuka1.
Обука на младите за „лов на лисици“ во месноста „Суитлак“ крај Штип

obuka2.
Обука на младите за „лов на лисици“ во месноста „Суитлак“ крај Штип

obuka3.
Обука на младите за „лов на лисици“ во месноста „Суитлак“ крај Штип

obuka4

obuka5.
Обука на младите за „лов на лисици“ за време на Собирот во манасторот Св.Спас крај Крушево

obuka6.
Обука на младите за „лов на лисици“ и ориентација во просторот за време на Собирот 2017 година

 

Погледнете некои од другите интересни радиоаматерски дисциплини и активности на овие линкови:

- Радиоаматерство - прекрасно корисно хоби за сите возрасти

- Аматерско радиоконструкторство (АРК)

- Аматерско радиооператорство (АРО)

- Радиоаматерска мрежа за опасност (РМЗО)

- Радиоаматерски врски со телефонија (фонија)

- Радиоаматерски врски со телеграфија, односно со морзеовата азбука

- Симплекс и Дуплекс VHF/UHF радиоврски

- Радиоаматерски УКБ-врски на растојание од 200 км со евтини рачни радиостаници

- Радиоаматерски врски преку јонизирани метеорски трагови

 

 

Миле Кокотов (2019 година)

Авторот е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката и е Претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија

Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница

 


I Z33T home page I страници на македонски јазик I