zname_mk mk_z33t zname_mk

РАДИОАМАТЕРСКИ ВРСКИ (ТЕЛЕГРАФИЈА)


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


yl1

Радиоаматерството е прекрасно хоби кое освен што е многу интересно, овозможува стекнување на техничко знаење кое на младите ќе им користи во текот на целиот живот. Некои детали за ова корисно и занимливо хоби можете да видете на ова видео.

Една од радиоаматерските дисциплини е радиооператорството. Радиоаматерите - оператори одржуваат радиоврски преку радиобранови. Одржувањето на радиоврски е интересно и многу корисно за младите радиоаматери. Освен што се запознаваат со други радиоаматери и стекнуваат нови пријатели од целиот свет, преку одржување на радиоврски се стекнува и развива корисно техничко знаење и телекомуникациски вештини. Еве само дел од нив:

- сознанија за ширење на радиобрановите и нивните карактеристики во зависност од фреквенцијата односно брановата должина;
- стекнување на знаење за техниките за радиокомуникација, разни видови на модулација и пренос на сигнали преку радиобранови;
- влијание на атмосферата и јоносферските услови на простирањето на радиобрановите;
- практично запознавање со разни видови на антени и нивни карактеристики;
- усовршување на странски јазик - при одржување на радиоврски со странските радиоаматери, најчесто се користи англискиот јазик, потоа француски, германски, шпански, италијански и др.

Освен тоа, со изучувањето на морзеовата азбука која е универзална за сите радиоаматери во светот и со помош на радиоаматерските кратенки, се отвораат можности за комуникација со сите радиоаматери во светот, без разлика на кој јазик зборуваат.

Радиоаматерските врски се одржуваат на разни начини. На пример, со „фонија“, односно говор во микрофон (на сличен начин како преку телефон), потоа со употреба на морзеови знаци или други радиоврски со специјални видови на модулација.

Посебно се интересни врските со телеграфија (CW), односно со користење на морзеовата азбука. За да се одржуваат радио врски со телеграфија, најнапред треба да се научи морзеовата азбука, а откако ќе се совлада оваа интернационална азбука, се отвораат сосема нови можности за комуникација кои се многу интересни.

sl3

Морзеова азбука

Морзеовата азбука ја измислил еден американски уметник и сликар кој се викал Семјуел Морзе (Samuel Morse). Морзеовата азбука претставува метод со кој сите букви од азбуката, бројки и интерпукциски знаци се претставени од комбинација на два звучни сигнали. Еден краток и еден долг звучен сигнал. Времетраењето на долгиот звучен сигнал изнесува колку три кратки звучни сигнали.

Морзеовата азбука графички се претставува како точки и црти. Краткиот звучен сигнал се претставува со точка, а долгиот звучен сигнал се претставува со црта. Притоа треба да се знае следново:

- Должината на една црта изнесува колку три точки;
- Паузата помеѓу цртите и точките во некоја буква изнесува колку една точка;
- Паузата помеѓу две букви изнесува колку три точки;
- Паузата помеѓу два зборови изнесува колку пет точки.

Во следната табела е прикажана морзеовата азбука:

morse_code

 

 

Во радиоаматерските CW-врски се користат кратенки кои се интернационални, па со нив може да се комуницира со радиоаматери од целиот свет без вообичаените јазични бариери. Најчесто користени радиоаматерски кратенки во CW-радиоврските, односно радиоврските со телеграфија, можете да ги видете овде.

 

При одржувањето на CW-радиоаматерски врски, радиоаматерите задолжително даваат оценка за квалитетот на сигналот од соговорникот. Тоа се нарекува рапорт. Рапортот се состои од три цифри и е познат како RST-рапорт (R=readability, S=strength, Т=tone)

Првата цифра може да биде од 1 до 5 и претставува оценка за разбирливоста на сигналот (R=readability). Притоа 1 е потполно неразбирлов сигнал, а 5 е потполно разбирлив сигнал.

Втората цифра може да биде од 1 до 9 и претставува оценка за јачината на сигналот (S=strength). Притоа 1 е многу слаб сигнал, едвај приметлив, а 9 е многу јак сигнал.

Третата цифра може да биде од 1 до 9 и претставува оценка за квалитетот на тонот (Т=tone) на телеграфскиот сигнал. Притоа 1 е многу лош тон ( со многу брум), а 9 е кристално чист тон без никакви брумови.

Еве неколку примери:

- рапорт (RST) 599 значи дека сигналот на радиостаницата е одлично разбирлив (максимална оценка „5“ за разбирливост), сигналот е многу силен (оценка „9“ за јачина на сигналот), и тонот е кристално чист (оценка „9“ за квалитетот на тонот).

- рапорт (RST) 459 значи дека сигналот на соговорникот е многу добро разбирлив (оцена „4“ за разбирливост), јачината на сигналот му е средна (оценка „5“ за јачината на сигналот), и тонот е кристално чист (оценка „9“ за квалитетот на тонот).

- рапорт (RST) 339 значи дека сигналот на соговорникот е тешко разбирлив (оцена „3“ за разбирливост), јачината на сигналот му е слаба (оценка „3“ за јачината на сигналот), и тонот е кристално чист (оценка „9“ за квалитетот на тонот).

Во поново време, со употреба на квалитетни фабрички радиостаници, и со примена на современа технологија, речиси нема рапорт кај кој последната цифра од RST-оценката е помала од 9. Порано, кога радиоаматерите често сами ги изработувале своите радио уреди со лампи и недоволно напредна технологија, се случувало сигналот да не биде стабилен и да биде со брум или зуење, така што сигналот не бил секогаш кристално чист.

 

Во оваа статија, ќе наведам неколку примери на радиоаматерски CW-врски, односно врки со телеграфија.

Врската може да биде кратка, средна или подолга.
- Во кратката врска се разменуваат повикувачките знаци и рапорт (оценка за јачината на сигналот и разбирливоста)
- Во средно долгата врска се разменуваат повикувачките знаци, рапорт, име и QTH, односно локацијата.
- Во подолгата радиоаматерска врска се разменуваат повикувачките знаци, рапорт, име, QTH, вид на уреди и антени со кои се работи, временска состојба и слично. Пријателите кои повеќе пати меѓусебно имаат одржано радио врска, си разговараат и за други работи од нивен интерес.

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

Кратка радиоаматерска врска

Еве еден пример за релативно кратка радиоаматерска врска со телграфија помеѓу радиоаматер со повикувачки знак Z37DX, од Македонија и радиоаматер со повикувачки знак G1ABC, од Англија. Притоа се разменуваат само повикувачките знаци и рапортот:

Нека на пример, прв повикува Z37DX:
CQ CQ CQ DE Z37DX Z37DX CQ CQ CQ DE Z37DX Z37DX +K
На повикувањето од Z37DX му се јавува G1ABC:
Z37DX DE G1ABC G1ABC +KN
Откако Z37DX го слушнал G1ABC како го повикува, му одговара и му дава рапорт (оценка за квалитетот на неговиот сигнал):
G1ABC DE Z37DX = UR RST IS 599 599 = HW? G1ABC DE Z37DX +КN
потоа G1ABC му одговара на Z37DX и му дава рапорт (оценка за квалитетот на неговиот сигнал):
Z37DX DE G1ABC GD DR OM = UR RST IS 599 599 = HW? Z37DX DE G1ABC +KN
потоа Z37DX му одговара на G1ABC, му се заблагодарува за убавиот рапорт и му упатува поздрави:
G1ABC DE Z37DX R TNX FER NICE RPRT = VY 73 +KN
на крајот G1ABC го поздравува Z37DX и му посакува многу далечни врски:
Z37DX DE G1ABC 73 ES MNI DX +K
Со тоа врската завршува!

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

Средно-долга радиоаматерска врска

Еве еден пример за средно долга радиоаматерска врска со телеграфија помеѓу помеѓу радиоаматер со повикувачки знак Z37DX, од Македонија и радиоаматер со повикувачки знак G1ABC, од Англија. Притоа се разменуваат повикувачките знаци, рапорт, име на операторот и QTH (односно локацијата)::

Нека на пример, прв повикува Z37DX:
CQ CQ CQ DE Z37DX Z37DX CQ CQ CQ DE Z37DX Z37DX +K
На повикувањето од Z37DX му се јавува G1ABC:
Z37DX DE G1ABC G1ABC +KN
Откако Z37DX го слушнал G1ABC како го повикува, му одговара и му дава рапорт (оценка за квалитетот на неговиот сигнал):
G1ABC DE Z37DX GD DR OM ES TNX FER CALL = UR RST IS 599 599 = MY NAME IS MILE MILE = QTH IS STIP STIP = HW? G1ABC DE Z37DX +KN
потоа G1ABC му одговара на Z37DX, му дава рапорт (оценка за квалитетот на неговиот сигнал) и го поздравува:
Z37DX DE G1ABC OK DR OM MILE ES TNX FER FB RPRT = UR RST IS 599 599 = MY NAME IS TOM TOM ES MY QTH IS NR LONDON LONDON = HW? Z37DX DE G1ABC +KN
потоа Z37DX му одговара на G1ABC, му се заблагодарува за убавиот рапорт и му упатува поздрави:
G1ABC DE Z37DX R TNX FER NICE RPRT = VY 73 +KN
на крајот G1ABC го поздравува Z37DX и му посакува многу далечни врски:
Z37DX DE G1ABC 73 ES MNI DX +K
Со тоа врската завршува!

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

Подолга радиоаматерска врска

Еве еден пример за  подолга радиоаматерска врска помеѓу помеѓу радиоаматер со повикувачки знак Z37DX, од Македонија и радиоаматер со повикувачки знак G1ABC, од Англија. Притоа се разменуваат повикувачките знаци, рапорт, име, QTH, вид на уреди и антени со кои се работи, временска состојба и друго:

Нека на пример, прв повикува Z37DX:
CQ CQ CQ DE Z37DX Z37DX CQ CQ CQ DE Z37DX Z37DX +K
На повикувањето од Z37DX му се јавува G1ABC:
Z37DX DE G1ABC G1ABC +KN
Откако Z37DX го слушнал G1ABC како го повикува, му одговара и му дава рапорт (оценка за квалитетот на неговиот сигнал), потоа своето име, локација, временските услови на својата локација и температурата на воздухот, видот на радиостаницата со која работи, моќноста на предавателот, видот на антената и слично:
G1ABC DE Z37DX GD DR OM ES TNX FER CALL = UR RST IS 599 599 = MY NAME IS MILE MILE = QTH IS STIP STIP = WX IS NICE 25C = MY RIG IS YAESU FT857 = PWR IS 100 WATTS = ANT IS DIPOLE = HW? G1ABC DE Z37DX +KN
потоа G1ABC му одговара на Z37DX, му се заблагодарува за добиениот рапорт и другите информации. Потоа му дава рапорт за неговиот сигнал, му го кажува своето име, локација, временските услови на својата локација и температурата на воздухот, видот на радиостаницата со која работи, моќноста на предавателот, видот на антената и слично. Потоа го замолува за QSL-картичка како потврда за одржаната врска и вели дека неговата QSL-картичка ќе ја испрати сигурно преку QSL-биро:
Z37DX DE G1ABC GD DR OM MILE ES TNX FER FB RPRT ES TNX FER INFO = UR RST IS 599 599 = MY NAME IS TOM TOM ES MY QTH IS NR LONDON LONDON = WX IS COLD 2C = MY RIG IS ICOM IC706 = PWR IS 80 WATTS = ANT IS GP = PSE QSL = MY QSL IS SURE VIA BURO = HW? Z37DX DE G1ABC +KN
потоа Z37DX му одговара на G1ABC, му се заблагодарува за убавиот рапорт, и за сите останати информации. Потоа вели дека неговата QSL-картичка за потврда на врската ќе ја испрати сигурно и на крајот му посакува многу далечни радиоврски и упатува поздрави со желба да се слушнат преку радиобрановите повторно во некоја друга прилика:
G1ABC DE Z37DX R TNX DR TOM FER NICE RPRT ES TNX FER ALL = MY QSL IS SURE = BEST DX ES VY 73 = CUAGN = G1ABC DE Z37DX +KN
на крајот G1ABC потврдува дека го разбрал Z37DX и му се заблагодарува за убавата радиоврска. Го поздравува и му посакува најубави далечни радиоврски со желба да се слушнат преку радиобрановите повторно во некоја друга прилика:
Z37DX DE G1ABC R OK DR MILE TNX FER NICE QSO ES 73 = BEST DX ES CUAGN = Z37DX DE G1ABC +K
Со тоа врската завршува!

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

Многу кратка радиоаматерска CW-врска со DX-радиостаница при голем „Pile Up“ (Пајл Ап)

Освен овие вообичаени радиоврски со телеграфија, постојат и многу кратки CW-радиоврски при што се разменуваат само рапортите. Ова е пракса кога се јавува некој многу редок DX, па се создава голема гужва кога многу радиостаници се „туркаат“ за да остварат врска со реткиот DX.

Ваквите врски се работат со малку поголема брзина на телеграфијата и се препорачува младите и понеискусни оператори најнапред малку подобро да ја совладаат морзеовата азбука за да можат да работат со соодветна поголема врзина на прием и емитување. Исто така, препорачливо е да не се биде премногу нестрплив и задолжително да се почитува радиоаматерскиот кодекс (кој треба добро да се научи) и многу повеќе да се слуша отколку да се емитува!

Еве еден пример за многу кратка радиоаматерска врска со телграфија помеѓу радиоаматер со повикувачки знак 3D2AB (ретка DX радиостаница од островото Фиџи), и радиоаматер со повикувачки знак Z37DX, од Македонија. Притоа набрзина се разменуваат само повикувачките знаци и рапортот, за да се овозможи и на другите радиоаматери кои се нестрпливи, да остварат радиоврска со ретката DX-радиостаница од островото Фиџи.

Нека на пример, при голема гужва, во радиоаматерскиот речник позната како „Пајл Ап“ (pile up), ретката DX-станица 3D2AB емитува QRZ? (што значи - кој ме повикува?):

QRZ? DE 3D2AB 3D2AB K
Откако Z37DX го слушнал DX-от 3D2AB, се обидува да го повика во гужвата:
3D2AB DE Z37DX BK
Откако 3D2AB го слушнал Z37DX му са јавува и му дава рапорт:
Z37DX DE 3D2AB RST 599 5NN BK
Сега Z37DX му се јавува на 3D2AB, потврдува дека го примил рапортот, а потоа и тој му дава рапорт:
BK DE Z37DX R UR RST 599 5NN 73 BK
На крајот 3D2AB потврдува дека го примил рапортот, упатува поздрави за Z37DX (со тоа ја завршува врската со Z37DX) и прашува кој е следниот од толпата што го повикува:
BK DE 3D2AB 73 = QRZ?

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

Радиоаматерите-оператори водат дневник во кој ги запишуваат податоците за одржаните радиоврски.Еве еден пример:

dnevnik_small

кликни на сликата за да се прикаже во поголема резолуција

 

На интернет има неколку добри online-дневници за запишување на радиоаматерските врски, ама сепак, пожелно е да се има и хартиена копија, за секој случај.

На овој линк можете да симнете готов дневник во PDF-формат за печатење на хартија со А4 формат

Радиоаматерите меѓусебно разменуваат таканаречени QSL-картички, како потврда за одржаната радиоврска.Откако ќе се собере определен број на QSL-картички може да се добијат разни дипломи и признанија, па така, голем број на радиоаматери, наречени „ловци на дипломи“, уживаат да соберат што поголем број на различни дипломи од целиот свет.

qsl1 . qsl2.
QSL-картички кои авторот на овој напис ги има добиено како
потврда за одржани радиоврски со радиоаматери ширум светот

 

На крајот еве ја уште еднаш морзеоата азбука заедно со интернационалниот начин на спелување на буквите:

tabela_za_speluvanje

 

Миле Кокотов (2018 година)

Авторот е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката и е Претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија

Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница


I Z33T home page I страници на македонски јазик I