zname_mk mk_z33t zname_mk

РАДИОАМАТЕРСКИ ВРСКИ ПРЕКУ РЕФЛЕКСИЈА ОД МЕТЕОРСКИ ТРАГОВИ


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


Радио брановите со многу висока фреквенција (VHF) се движат праволиниски и не ја следат закривеноста на земјината топка, па најчесто хоризонтот е границата во која може да се воспостави комуникација на VHF.
Во нормални услови, растојанието при кое може да се воспостави радио врска на VHF се движи до неколку десетици или стотици километри, во зависност од тоа дали се наоѓаме на планина или во котлина.

ms

Интересен вид на радиоаматерски врски се таканаречените „MS“ (Meteor Scatter) контакти, кои се остваруваат преку рефлексија, односно одбивање на VHF радиобрановите од јонизирани трагови на метеорите при нивното навлегување во атмосферата на Земјата. Притоа, се воспоставуваат кратки комуникациски врски (до неколку секунди) помеѓу радио станици на растојание до околу 2250 километри.

ms1

Метеори се нарекуваат небеските тела кои се движат низ космосот со брзина од 11,2 до 73 км во секунда. Кога метеорите патувајќи низ космосот со огромна брзина, ќе наидат на планетата Земја, тие најнапред навлегуваат во нејзината атмосфера и со голема брзина се судираат со молекулите од кои е составена атмосферата. Поради огромната брзина на метеорите, нивната површината судирајќи се со молекулите на воздухот, се загрева до 10.000 ˚C, така што метеорите многу бргу испаруваат, односно согоруваат во атмосферата. Притоа, согорувајќи, околу себе создаваат јанизирана трага која свети. Метеорските трагови најдобро се набљудуваат навечер, при ведро небо, од места кои се оддалечени од градските светла кои можат да пречат, а пожелно е да нема ниту Месечина која исто така може да пречи со нејзината светлост.

Најчесто метеорите се мали, со дијаметар помал од милиметaр до неколку милиметри и маса од неколку милиграми до неколку грама. Метеори со дијаметар до 10 цм и маса до неколку килограми целосно согоруваат во земјината атмосфера на висина од околу 130 до 70 km. Поголемите метеори, се многу ретки. Тие не согоруваат целосно, така што нивните остатоци можат да паднат на површината на земјата. Остатоците од метеори кои ќе падне на земјата се викаат метеорити.
Метеорски дожд или метеорски рој е појава на поголем број на метеори кои доаѓаат од некоја точка на небото, според која го добиваат името. Метеорскиот дожд трае од неколку часови до неколку денови, и тогаш бројот на метеорите изнесува од неколку десетици до сто или повеќе метеори на час. Метеорските роеви потекнуваат од постоечки или од исчезнати комети и најчесто се појавуваат во определено време со период на повторување од една година.

Во земјината атмосфера, постојано навлегуваат метеори кои оставаат јонизирани метеорски трагови зад себе. Сепак, за радиоаматерите најинтересни се периодите кога има голем број на метеори односно метеорски дождови. Тогаш веројатноста за воспоставување на радиоаматерски „MS“ врски е најголема.

Најпознати, односно најинтензивни метеорски дождови во северната хемисфера се:

- Квадрантиди (Quadrantids) кои се појавуваат од 1 до 6 јануари, со максимум околу 3 и 4 јануари, кога бројот на метеорите достигнува до 40 метеори на час;

- Лириди (Lyrids) кои се појавуваат од 15 до 28 април, со максимум околу 22 и 23 април, кога бројот на метеорите достигнува до 20 метеори на час;

- Персиди (Perseids) кои се појавуваат од 17 јули до 24 август со максимум околу  11, 12 и 13 август, кога бројот на метеорите достигнува 60 до 100 метеори на час ;

- Андромедиди (Andromedids) кои се појавуваат околу 14 ноември;

- Леониди (Leonids) кои се појавуваат од 6 до 30 ноември, со максимум околу 17 и 18 ноември, кога бројот на метеорите достигнува до 15 метеори на час;

- Геминиди (Geminids) кои се појавуваат од 7 до 17 декември, со максимум околу 13 и 14 декември, кога бројот на метеорите достигнува до 120 метеори на час.

mr_small

кликнете на горнава слика за да ја видете во поголема резолуција

 

 

Постапка при MS работа
Целта на процедурите опишани подолу е да се овозможи радио контакт преку метеорските трагови што е можно пократко и полесно. Бидејки рефлексиите од метеорските трагови најчесто траат многу кратко, нормалната класична QSO процедура не е применлива за овој вид на работа и треба да се почитуваат следниве договорени процедури при MS работа:

Договорени и случајни врски
Кај однапред договорената MS врска (скед) се познати сите податоци освен рапортот. (радиоаматерските повикувачки знаци, фреквенцијата, видот на работа, како и временските периоди на емитување и на прием). Врската се закажува преку интернет или на фреквенција од 14.345 MHz.
Случајната (рандом) MS врска се остварува преку стандардно CQ повикување согласно банд-планот за соодветниот VHF опсег.

Усогласување на времето
Пред било какви MS активности треба прецизно да се усогласи сопствениот мерач на време (часовник) со цел отстапувањето да биде до 1 секунда во однос на некој точен часовник (еталон). Денес тоа лесно се прави преку интернет атомските часовници со кои можеме да го усогласиме нашиот часовник. Доколку нашиот часовник отстапува повеќе, шансите за воспоставување и комплетирање на врската се смалуваат, бидејќи периодите на емитување и слушање нема да бидат ускладени со потенцијалните коресподенти. При подолготрајна MS работа, усогласувањето на часовникот е пожелно да се прави почесто.

Времетраење на периодите кога се емитува и слуша:

  1. CW = 90 секунди
  2. SSB = 60 секунди
  3. FSK441 = 30 секунди

Овие временски периоди на слушање и емитување во пракса даваат задоволителни резултати.

Усогласување на емитувањето
Сите MS оператори кои живеат во иста област треба да користат ист период за емитување, а потоа да слушаат во другиот период, со цел да се избегнат меѓусебните пречки и интерференции.
Радиоаматерите од Македонија и источна Европа првиот период го користат за емитување, а радиоааматерите од централна и западна Европа, првиот период слушаат, а вториот период емитуваат.
На пример радиоаматер од Австрија ќе емитува прв ако сака да воспостави врска со радиоаматер од Англија.
Истиот радиоаматер од Австрија ќе емитува во вториот период ако сака да воспостави врска со радиоаматер од Романија.
Во основа правилото е следно:
Радиоаматерите од југ или од исток да емитуваат во првиот период, а слушаат во вториот.
Радиоаматерите од запад или од север емитуваат во вториот период, а слушаат во првиот период.

Траење на врската
Секој обид за воспоставување на MS врска во закажана непрекината временска рамка претставува посебен обид. Не е дозволено да се одработи половина врска, да се престане со работа, а потоа истата да се продолжи покасно.
Закажаните врски на CW или SSB обично се договараат за воспоставување на врската со временска рамка од 1 час. За време на метеорски дожд, кога бројот на метеорите е поголем, временската рамка за воспоставување на врска може да биде и пократка. Радиоаматерите кои го користат многупоефикасниот FSK441 дигитален вид на работа, најчесто договараат 30-минутна временска рамка за воспоставување на врска.

Фреквенции
Договорените контакти (однапред закажаните врски) можат да се работат на било која фреквенција во согласност со банд-планот за соодветниот VHF опсег. Притоа не се препорачува користење на некои често користени фреквенции за друг вид на работа, исто како и фреквенциите кои се користат за случајните, односно рандом MS врски.
Фреквенциите за случајни (рандом) MS врски со емитување на CQ, се определени со Банд-планот на IARU – регион 1.
Во принцип, во двометарскиот радиоаматерски банд, за повикување на рандом MS врски најчесто се користат фреквенциите околу 144.370 MHz. При што најчесто се користи  FSK441 дигитален вид на работа.

QSY фреквенции за FSK441
За време на метеорските дождови се создава поголема гужва и пречки на рандом-фреквенциите. За да се намалат пречките и интерференциите, нужна е употреба на QSY методата. Во текот на CQ-повикувањето, се емитува и фреквенцијата на која ќе се слуша за одговор и понатаму, доколку добие одговор, на таа фреквенција ќе се продолжи со работа согласно стандардните периоди на емитување и слушање. Притоа, фреквенцијата се означува со троцифрен број. На пример, CQ383 означува дека по завршување на периодот за емитување, ќе се продолжи со слушање на 144.383 MHz за евентуален контакт.

QSY постапка кога повикуваме на фреквенци наменети за рандом MS врски:

1. Се одбира слободна фреквенција за слушање и продолжување на врската, доколку некој одговори на вашиот повик.

2. Во периодот за емитување се емитува на фреквенцијата за рандом MS врски, при што се емитува знакот CQ  на кој се додаваат три цифри (кои ја означуваат фрекевенцијата во kHz на која ќе слушате по завршување на периодот за емитување.

3. Во периодот за слушање се слуша на фреквенцијата која сме ја означиле во периодот на емитување со троцифрен број по кратенката CQ.

4. Кога некој ќе не повика на приемната фреквенција, ја прекинуваме секоја активност на фреквенцијата за рандом MS врски и се префрлуваме на QSY фреквенцијата каде продолжуваме со работа согласно утврдените периоди на емитување и слушање додека не ја завршиме врската.

 

QSY постапка кога се одговара на некој што повикува
на фреквенција за рандом MS врски:

1. Слушаме на фреквенција предвидена за рандом MS врски.

2. Кога успешно сме примиле CQ со означената QSY приемна фреквенција во kHz, и повикувачкиот знак, привремено го нагодиме радио уредот на SPLIT начин на работа за да можеме да емитуваме одговор на приемната фреквенција на повикувачот.

3. Во следните неколку периоди и понатаму треба да слушаме на фреквенцијата за рандом MS врски, а да емитуваме на приемната фреквенција на повикувачот, бидејќи е можно повикувачот веднаш да не го примил нашиот одговор.

4. Понатаму треба да се исклучи SPLIT начинот и да се продолжи со MS работа на приемната фреквенција QSY на повикувачот, додека не се одржи врската.

Во оваа постапка, многу може да помогне доколку рапсолагаме со втор независен приемник за да можеме да примаме на двете фреквенции истовремено или доколку имаме SDR приемник кој обично има можност за истовремен прием (и декодирање) на неколку фреквенции истовремено.

Примери

1. Z33T сака да повикува на фреквенцијата за рандом MS врски во 2-метарскиот VHF банд. Најнапред бара и одбира некоја слободна фреквенција помеѓу 144.360 MHz и 144.397 MHz (на пример 144.395 MHz)

Потоа, во периодот наменет за повикување (согласно положбата југ-север или исток –запад) Z33Tемитува CQ со додавање на три цифри кои ја означуваат фреквенцијата на која ќе очекува одговор. Конкретно:
„CQ395 Z33T CQ395 Z33T CQ395 Z33T“

2. Нека на пример, на фреквенцијата за  MS рандом врски во 6 метарскиот VHF банд сме примиле повик: „CQ274 Z33T“. Ова ни кажува дека Z33T ќе слуша и ќе очекува да емитуваме на QSY фреквенција од 50.274 MHz. Откако Z33T ќе не прими, врската продолжува на 50.274 MHz.

 

QSO процедура
Секој вид на работа има соодветна MS-QSO постапка. Кога се одржува MS SSB врска, говорот треба да биде разбирлив со употреба на меѓународната таблица за спелување (Alfa, Bravo, Charlie, Delta…)
Најголем број на радиоаматери употребуваат FSK441 дигитален вид на работа.

А) Повикување
Договорената врска (скед) започнува кога едната радиоаматерска станица ја повикува другата со емитување на двата повикувачки знаци.
Рандом MS врската започнува со емитување на повикувачките знаци на станицата што сме ја слушнале, потоа нашиот повикувачки знак заедно со рапортот.

Б) Рапорт, односно известување за чујност
Рапортот се состои од двоцифрен број,
Првата цифра од рапортот го означува времетраењето на рефлексијата во секунди при што:
2 = рефлексија (пинг) до 0.5 секунди
3 = рефлексија (бурст) од 0.5 до 1 секунда
4 = рефлексија (бурст) од 1 до 5 секунди
5 = рефлексија (бурст) подолга од 5 секунди

Втората цифра ја означува јачината на сигналот (односот на сигнал/шум) односно, за колку децибели (dB) примениот сигнал бил повисок од шумот, при што:
6 = сигнал/шум до 5 dB
7 = сигнал/шум од 5 до 10 dB
8 = сигнал/шум од 10 до 15 dB
9= сигнал/шум поголем од 15 dB
Доколку се користи SDR приемник, односот сигнал/шум се прикажува на екранот.

В) Постапка при давањето на рапорт
Операторот го испраќа, односно го емитува рапортот кога од коресподентот го прими својот сопствен знак во целост или делови од него.
Рапортот се емитува два пати заедно со двата повикувачки знаци.
Рапортот не смее да се менува во текот на врската без разлика дали се промениле јачината на сигналот и должината на рефлексија.

Г) Потврдување на рапортот
Откако ги примил двата повикувачки знаци и рапортот, операторот може да испрати (емитува) потврда. Врската се потврдува со тоа што во периодот за емитување ги емитува двата повикувачки знаци и буквата „R“ пред примениот рапорт, на пример:
„RK3AF Z33T R36 R36“
Кога другиот оператор ги примил обата повикувалки знаци и потврда на рапортот, во периодот за емитување, ја емитува три пати буквата „R“ односно: „RRR“ за да ја потврди врската, на пример:
„Z33T RK3AF RRR RRR“
Откога другиот оператор ги прими трите букви „RRR“ врската се смета за комплетна.


Д) Комплетна врска
Врската се смета за комплетна доколку обата оператори  ги примиле обата повикувачки знаци, потврда за рапортот и на крајот серијата од „RRR“.

Важечка врска
Во текот на врската не е дозволено размена на информации преку другите радиоаматерски опсези ниту преку интернет или други помагала. Валидна врска се смета само онаа во која, во текот на еден обид, операторите успешно ги примиле комплетните повикувачки знаци, рапорт, потврда на рапортот и потврда на врската.

На овој линк можете да го преземете овој напис во PDF-формат

 

Миле Кокотов, Z33T

Штип, Август 2016 година


I Z33T home page I страници на македонски јазик I