mk_z33t

ПРЕТВОРЕТЕ ГО ВАШИОТ КОМПЈУТЕР ВО VLF СДР ПРИЕМНИК


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


Ова е одличен СДР-приемен систем за многу долги бранови (VLF), а се добива само со користење на персонален компјутер и соодветен софтвер кој можете да си го симнете бесплатно од интернет.

Софтверски дефинирните радио уреди (СДР) претставуваат радио комуникациски системи каде компонентите од кои е составен класичниот радио комуникациски систем (како на пример: миксери, филтери, засилувачи, модулатори, демодулатори, детектори итн.) се имплементирани софтверски, преку соодветен софтвер инсталиран на компјутер, лапт-топ, таблет или мобилен телефон.

Овој СДР-приемник за многу долги бранови ја користи звучната картичка на компјутерот како аналогно-дигитален конвертор а сè останато (бирање на фреквенција, нагодувачки филтер на пропусниот опсег, демодулација на сигналите и друго, се врши во бесплатниот софтвер „SDR#“ кој можете да го симнете од овде.

vlf_pc_rx

Приклучете ја антената на линискиот влез од звучната картичка и претворете го вашиот компјутер во одличен 16-битен СДР VLF приемник, подобар од многу комерцијални приемници кои чинат илјадници евра!

Ако звучната картичка има брзина на дигитално одмерување (samplerate) од 192 kHz, тогаш со ваквиот СДР приемник може да се примаат РФ-сигнали во фреквенцискиот опсег од 0 до 96 kHz.

Ако звучната картичка има брзина на дигитално одмерување (samplerate) од 96 kHz, тогаш со ваквиот СДР приемник може да се примаат РФ-сигнали во фреквенцискиот опсег од 0 до 48 kHz.

Ако звучната картичка има брзина на дигитално одмерување (samplerate) од 44 kHz, тогаш со ваквиот СДР приемник може да се примаат РФ-сигнали во фреквенцискиот опсег од 0 до 22 kHz.

Се што треба да направите е да го инсталирате бесплатниот софтвер SDR# (sdrsharp), да ја приклучете антената во линискиот влез (line input) на звучната картичка од компјутерот и може да почнете да примате сигнали од VLF подрачјето со одличен квалитет бидејќи звyчните картички се 16 битни, па така динамичкиот опсег на ваквиот приемник е околу 100 dB !!!

Одлична антена за прием на РФ-сигнали во фреквенцискиот опсег од неколку килохерци па до 30 MHz можете да си ја изработете сами, а детали за неа можете да видете на мојата друга веб-страница овде.

Што може да се прима со еден ваков приемник? тоа можете да го видете во моето видео овде.

Убаво е на влезот од звучната картичка, паралелно со антената да се стават две антипаралелни диоди како и RF-трансформатор за галванско раздвојување и заштита од евентуален повисок напон кој може да го оштети влезот на звучната картичка (во оваа видео презентација јас тоа го немам направено, но добро е да се примени како превентива)

Освен сигналите кои се опишани во ова видео, има многу други радио сигнали, кои го прават VLF подрачејто интересно место за радио-набљудување (слушање) и проучување.

Има природни радио сигнали креирани од природни феномени на мајката природа, но има и многу радио сигнали креирани од човекот.

Некои од овие сигнали се постојано присутни, а некои се многу ретки.

Радио сигналите кои емитуваат како резултат на природните феномени се многубројни и различни. Еве само некои од нив:

1. Громовите на различни локации од земјината топка ослободуваат огромно количество на електромагнетна енергија во широк фреквенциски опсег. Практично од нула, па се до фреквенциите од видливиот дел на електромагнетниот спектар и повисоко. Се смета дека повеќе од илјада громови во секој момент се случуваат на различни делови од земјината топка.

2. Тектонските плочи од земјината кора се во постојано во движење. Движењето на тектонските плочи е многу споро, но тоа е континуирано. Судирањето и меѓусебното триење на тектонските плочи продуцира електромагнетна емисија поради познатиот пиезоелектичен ефект, поврзан со огромниот притисок и кршење на кристалните структури на карпите. Во изминатите години се правени многу истражувања со цел да се испита поврзаноста на силните земјотреси со јоносферските промени предизвикани од електромагнетни сигнали кои се емитуваат при кршење на кристалните структури на карпите. Ова може да претставува добра почетна основа за пронаоѓање на механизам за предвидување на земјотресите...

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

Софтверот „SDR#“ е одличен и во него има имплементирано многу напредни функции, како што се DSP филтри за редукција на шум и многу други корисни функции. Наместо софтверот „SDR#“, можете да користете поедноставен софтвер „SAQ Panoramic VLF Receiver“ што исто така можете да го симнете од интернет. Софтверот се наоѓа на овој линк.

Како изгледа приемот на VLF со софтверот „SAQ Panoramic VLF Receiver“ можете да видете на моето видео на овој линк.

 

Миле Кокотов, Z33T

 


I Z33T home page I страници на македонски јазик I