mk_z33t_kir

„ЛОВЕЊЕ" НА РАДИО ФАРОВИ - NDB (NON-DIRECTIONAL radio BEACONS)


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


NDB (Non-Directional radio Beacon) претставува радио-предавател (радио-фар) поставен на аеродром и служи за навигација на воздухопловите.. Во светот има илјадници такви NDB-предаватели кои најчесто се со мала моќ од околу 25 - 100W, но има и помоќни. Секој NDB-предавател има свој знак за идентификација од две или три букви што го емитува со морзеова азбука постојано 24 часа на ден.

Овие радио-фарови емитуваат сигнали со Амплитудна модулација, но за подобар прием, односно, подобар однос сигнал-шум, при приемот, јас користам SSB или CW во некои случаи. Доколку се користи CW-демодулација за прием, тогаш треба да се има на ум дека сигналот за идентификација кај NDB-предавателите е најчесто на ±1020 Hz или ±400 Hz (офсет) во однос на централниот АМ-носител на сигналот. На пример, ако фреквенцијата на NDB-предавателот е 300 kHz, тогаш ако сакаме да го примаме со CW-мод, приемникот треба да го нагодиме (односно да слушаме) на фреквенција која е 1020 Hz пониска или повисока од централната фреквенција која е дадена за носечката фреквенција на АМ-сигналот, односно приемникот треба да покажува 301,02 kHz или 298,98 kHz.

Речиси секој аеродром, па и оние, малку поголемите спортски аеродроми имаат NDB-предавател.

Во Македонија постојат три активни радио-фарови за авио-навигација:
1. NDB на аеродромот Александар Велики (PT) на 295 kHz
2. NDB на аеродромот во Охрид (IZD) на 432 kHz
3. NDB на аеродромот во Прилеп (PEP) на 297 kHz

Постојат голем број љубители на радио-техниката и радиоаматери, таканаречени „Ловци на NDB“, чие хоби е слушање на NDB-предаватели низ целиот свет. Ова е навистина интересно хоби и може многу да се научи за простирањето на радиобрановите на ова фреквенциско подрачје.


NDB-предавателите во Европа емитуваат на фреквенции кои се помеѓу радиодифузното подрачје на долги бранови и радиодифузното подрачје на средни бранови, односно во подрачјето од 255 kHz до 530 kHz. Тоа може да се види на следнава слика:

ndb_band_small

 

NDB-предавателите имаат мала моќ и затоа не е лесно да се слушаат на овие ниски фреквенции. Обидете се да слушнете некои NDB-предаватели па ќе видете дека тоа воопшто не е едноставна работа. Токму поради тоа, претсавува предизвик за секој што сака да проба да слуша на овие ниски фреквенции. Сетете се само колку не е лесно да се работи на 1.8 MHz радиоаматерскиот банд, па ќе ви биде појасно. Имајте на ум дека NDB-предавателите емитуваат на фреквенции кои се 4 до 7 пати пониски од 160-метарскиот радиоаматерски банд. Разликата во простирањето на радиобрановите помеѓу 160-метарскиот банд и NDB-предавателите е, на пример, како помеѓу 3,5 МHz и 14 MHz банд. Во фреквенциското подрачје каде што емитуваат NDB-предавателите има многу радио-шум и пречки, па тоа е уште поголем предизвик да се примаат оддалечени NDB-предаватели. Јас до сега сум слушнал околу 130 различни NDB-предаватели од Балканот и пошироко.
Обидете се да слушнете некои од нив, интересно е!

Некои од NDB-предавателите (радио-фаровите) кои сум ги слушнал, се прикажани во моето видео на YouTube кое моежете да го погледнете овде.

 

 


I Z33T home page I страници на македонски јазик I