zname_mk mk_z33t zname_mk

Употреба на децибели (dB) за изразување на засилување или слабеење на РФ-сигналите


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


Во телекомуникациите засилувањето на некој РФ-засилувач или антена се изразува со единица наречена децибел (dB)

Исто така слабеењето на сигналите при пренос преку коаксијален кабел на пример, се изразува со единица наречена децибел (dB)

s-metar

Децибелот (dB) е логаритамска единица со која се претставува однос помеѓу две физички големини. Со децибели може да се изрази однос помеѓу два интензитети на звук на пример, но за радиоаматерите значајно е тоа што со децибели се изразува однос помеѓу моќноста на два РФ-сигнали:

dB = 10 x log (P2/P1)

Еве некои интересни примери преку кои изразувањето во децибели ќе Ви стане појасно:

Со секое зголемување на слабеењето за 3 dB, сигналот се намалува за 2 пати.
Така на пример, ако приклучиме радио предавател со моќ од 100 W на кабел со определена должина кој има слабеење од 3 dB. На другиот крај од кабелот ќе добиеме точно половина од моќноста, односно ќе добиеме само 50 W.
Значи, ако моќноста на некој РФ-сигнал (A) е двојно поголема од моќноста на некој РФ-сигнал (Б), велиме дека моќноста на РФ-сигналот (А) е поголема за 3 dB од моќноста на РФ-сигналот (Б).


Со секое зголемување на слабеењето за 6 dB, сигналот се намалува за 4 пати.
Така на пример, ако приклучиме радио предавател со моќ од 100 W на кабел со определена должина кој има слабеење од 6 dB. На другиот крај од кабелот ќе добиеме точно една четвртина од моќноста, односно ќе добиеме само 25 W.
Значи, ако моќноста на некој РФ-сигнал (A) е четири пати поголема од моќноста на некој РФ-сигнал (Б), велиме дека моќноста на РФ-сигналот (А) е поголема за 6 dB од моќноста на РФ-сигналот (Б).

Со секое зголемување на слабеењето за 10 dB, сигналот се намалува за 10 пати.
Така на пример, ако приклучиме радио предавател со моќ од 100 W на кабел со определена должина кој има слабеење од 10 dB. На другиот крај од кабелот ќе добиеме точнo една десетина од моќноста, односно ќе добиеме само 10 W.
Значи, ако моќноста на некој РФ-сигнал (A) е десет пати поголема од моќноста на некој РФ-сигнал (Б), велиме дека моќноста на РФ-сигналот (А) е поголема за 10 dB од моќноста на РФ-сигналот (Б).

Со секое зголемување на слабеењето за 20 dB, сигналот се намалува за 100 пати.
Така на пример, ако приклучиме радио предавател со моќ од 100 W на кабел со определена должина кој има слабеење од 20 dB. На другиот крај од кабелот ќе добиеме точно сто пати помала моќ, односно ќе добиеме само 1 W.
Значи, ако моќноста на некој РФ-сигнал (A) е 100 пати поголема од моќноста на некој РФ-сигнал (Б), велиме дека моќноста на РФ-сигналот (А) е поголема за 20 dB од моќноста на РФ-сигналот (Б).

s-metar2


Ако некоја Yagi антена има засилување од 3 dBd (децибели во однос на дипол), тоа значи дека ако приклучиме 10 W на таа Yagi антена и ако антената е насочена кон радиоаматерот со кого одржуваме радио-врска, тој ќе не слуша со јачина на сигнал исто како да имаме 20 W предавател и користиме дипол антена.


Ако некоја Yagi антена има засилување од 6 dBd (децибели во однос на дипол), тоа значи дека ако приклучиме 10 W на таа Yagi антена и ако антената е насочена кон радиоаматерот со кого одржуваме радио-врска, тој ќе не слуша со јачина на сигнал исто како да имаме 40 W предавател и користиме дипол антена.


Ако некоја Yagi антена има засилување од 10 dBd (децибели во однос на дипол), тоа значи дека ако приклучиме 10 W на таа Yagi антена и ако антената е насочена кон радиоаматерот со кого одржуваме радио-врска, тој ќе не слуша со јачина на сигнал исто како да имаме 100 W предавател и користиме дипол антена.


Ако некоја Yagi антена има засилување од 13 dBd (децибели во однос на дипол), тоа значи дека ако приклучиме 10 W на таа Yagi антена и ако антената е насочена кон радиоаматерот со кого одржуваме радио-врска, тој ќе не слуша со јачина на сигнал исто како да имаме 200 W предавател и користиме дипол антена.


Ако некоја Yagi антена има засилување од 20 dBd (децибели во однос на дипол), тоа значи дека ако приклучиме 10 W на таа Yagi антена и ако антената е насочена кон радиоаматерот со кого одржуваме радио-врска, тој ќе не слуша со јачина на сигнал исто како да имаме 1000 W предавател и користиме дипол антена.


Во прилог е една табела од која може да се види оваа логаритамска зависност и изразувањето со децибели:

dB_mkd

 

Со примената на децибелите, многу лесно се пресметува односот помеѓу две величини само со прости математички операции (собирање, одземање, множење и делење).

Ете неколку примери:

1. Разликата (односот) помеѓу 1000W и 100W искажана во децибели изнесува 10 dB.
2. Разликата (односот) помеѓу 10W и 1W искажана во децибели изнесува 10 dB.
3. Разликата (односот) помеѓу 5W и 10W искажана во децибели изнесува 3 dB.
4. Разликата (односот) помеѓу 5W и 20W искажана во децибели изнесува 6 dB.
5. Разликата (односот) помеѓу 1W и 10W искажана во децибели изнесува 10 dB.
6. Разликата (односот) помеѓу 1W и 100W искажана во децибели изнесува 20 dB.
7. Разликата (односот) помеѓу 1W и 1000W искажана во децибели изнесува 30 dB.
8. Разликата (односот) помеѓу 1W и 2000W искажана во децибели изнесува 33 dB.
9. Разликата (односот) помеѓу 1W и 8000W искажана во децибели изнесува 39 dB.
10. Разликата (односот) помеѓу 1W и 10000W искажана во децибели изнесува 40 dB.



Една "S"-единица од S-метарот на еден радиоприемник изнесува 6 dB.
Две "S"-единица од S-метарот на еден радиоприемник изнесува 12 dB.
Три "S"-единица од S-метарот на еден радиоприемник изнесува 18 dB.

s-metar



Ако сигналот на некој радиоаматер го примаме на нашиот приемник, при што S-метарот ни покажува 5 S-единици (рапорт 559), тогаш, за да се зголеми сигналот на истиот радиоаматер за три S-единици (од 559 на 589), тој треба да ја зголеми моќноста на својот предавател за 18 dB или 64 пати.

Значи ако емитувал со 10W и сме го примале со „559“, треба да ја зголеми моќта на 640W за да го примаме со „589“

- - - - - - - - - - - - - - -

 

Пример и задача
за оние кои сакаат да си го утврдат своето знаење во врска со примената на децибелите во радиоаматерството:

 

Нека имаме коаксијален кабел RG-58 со должина од 46 метри. Ова парче кабел има слабеење од 16 dB на фреквенција од 435 MHz (70cm банд).
Ако на едниот крај од кабелот приклучиме предавател за 70 cm банд, со моќ од 40 вати, колку моќ ќе добиеме на влез од антената која е приклучена на другиот крај од кабелот?

 

Одговор: на крајот од кабелот ќе се добиe моќ од 1 W. (другите 39 W ќе се претворат во топлина минувајќи низ кабелот)

Едноставен принцип на решавање на поставената задача: Претходно спомнав дека:

1. Секое зголемување на слабеењето или засилувањето од 3 dB значат 2 пати зголемување или намалување на моќноста.

2. Секое зголемување на слабеењето или засилувањето од 10 dB значат 10 пати зголемување или намалување на моќноста.

Доволно е да се запомнат само овие две работи и ќе можеме да ги пресметаме сите други релации во врска со слабеењето на каблите или засилувањето на засилувачите и антените...

Сега да се вратиме на прашањето и одговорот:

Имаме 16 dB слабеење на кабелот. Ќе го разделиме на 10dB +3dB + 3dB.

Потоа добиваме: 10 пати помала моќ ( = 10 dB). Потоа уште 3 dB слабеење, а моќноста ќе се намали 2 пати: 10 х 2 = 20 пати.

На крајот имаме уште 3 dB, што е пак 2 пати помалку и добиваме: 20 х 2 = 40 пати слабеење.

Значи ако сме имале 40 W моќ на почетокот на кабелот, На крајот од тој кабел со слабеење од 16 dB ќе добиеме 40 пати помала моќ, односно само 1 W.

Точната формула е:

dB = 10 log(p2/p1)

 

 


I Z33T home page I страници на македонски јазик I