mk_z33t_kir

BAOFENG UV-5R VHF/UHF РАЧНА РАДИО СТАНИЦА: ПРОБЛЕМ ПРИ ПРИЕМ СО НАДВОРЕШНА АНТЕНА


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


uv5r

Baofeng UV-5R е прекрасна евтина рачна радио станица за VHF и UHF со широк опсег на фреквенции. Се разбира, нема ништо идеално, па така и оваа радио станица не е тоа.

Еден ден, се обидов да приклучам подобра, надворешна антена на баофенгот, со цел да го зголемам досегот. Но забележав дека со подобрата антена приемните сигнали, наместо да се подобрат, тие се влошија!? (пробав неколку антени: Nagoya 771, Nagoya 106, Nagoya 108, Diamond X-30, дипол и Ј-антена за двометарскиот опсег)

Соговорниците со кои одржував радио-врска велеа дека ме слушаат многу подобро со надворешната антена отколку со оригиналната „пендрек“-антена, ама јас, за жал, нив ги слушав полошо, а некои воопшто не можев да ги слушнам, иако со полошата оригинална антена ги слушав...

Интересно е дека во еден момент, за време на менувањето на надворешната антена, кога го подизвадив конекторот од радио станицата на само еден милиметар, забележав дека го слушам соговорникот. Навистина слабо, но го слушав. Штом ја приклучам антената комплетно, слушав само чист шум и ништо друго !

Размислувајќи за овој неочекуван пробелм, ми стана јасно дека со подобрата антена, всушност го изложувам широкопојасниот приемник на многу посилни сигнали кои се наоѓаат на други фреквенции, но сепак, приемникот нив „ги гледа“ бидејќи е широкопојасен, па така, тие го преоптоваруваат влезниот дел на приемникот и го блокираат да не може да прима послаби сигнали. Треба да спомнам дека во околината каде што живеам има присуство на многу јаки ФМ радиодифузни станици кои веројатно се причината за преоптоварувањето на приемникот. Но истата појава се случи и на едно подалечно место од градот, на спортскиот аеродром „Сушево“ иако во негова близина, нема некои силни радиодифузни сигнали.

Многу широкопојасни приемници имаат проблем со динамичкиот опсег на приемникот, токму поради тоа што се широкопојасни и нивниот влезен дел „гледа“ многу сигнали кои не мора да бидат блиску до фреквенциите кои ние ги користиме. Современиот начин живеење, со безжични уреди насекаде околку нас, мобилни базни станици кои емитуваат многу јаки сигнали, ФМ радиодифузни станици, такси компании и многу други извори на јаки радио сигнали, можат лесно да го блокираат приемникот па така, со подобра антена, наместо да прима подобро, всушност се добива спротивен ефект. Притоа, со подобрата антена, останатите радио аматери нас ќе не слушаат подобро, бидејќи нашиот предавател емитува со посилен сигнал благодарение на поквалитетната антена.

Кај многу поскапите широкопојасни приемници е вграден влезен филтер кој автоматски се нагодува како што ние ја менуваме фреквенцијата на нашиот уред. Сепак, добар „tracking“ филтер, кој ќе ги ослабне сите сигнали кои се надвор од нашата работна фреквенција е невозможно да се вгради во вака мал уред, а цената да не биде астрономска.

Произведувачит Баофенг, всушност го опремил овој рачен уред со таква антена која што е доволно добра за одржување на блиски радио врски, а истовремено, доволно лоша антена за да не може да го преоптовари влезот на приемникот со јаките сигнали надвор од оприемниот опсег...

За да пробам да го решам овој проблем, конструирав еден надворешен банд-пас филтер (филтер пропусник на опсег)

Сега можам да приклучам многу подобра антена без да го преоптоварам приемникот на оваа симпатична радио станица. Овој банд-пас филтер, заедно со надворешна GP, Ј-антена или дипол, драматично ги подобрува перформансите на приемникот.

Се разбира, не само baofeng или други евтини уреди, туку и многу поскапите трансивери ќе работат многу подобро на прием доколку се приклучи ваков филтер пропусник на опсег помеѓу антената и уредот. Исто така, филтерот успешно ќе ги отстрани сите несакани хармонични емисии од предавателот кои можат да направат пречки кај комшиите...

Деталите за изработка на одличен банд-пас филтер за VHF -подрачјето, со многу мало слабеење на работната фреквенција, можете да ги видете ако кликнете овде.

Исто така, на YouTube имам поставено видео во кое го прикажувам овој банд-пас филтер.

 


I Z33T home page I страници на македонски јазик I