КРАТКА VHF ЈАГИ АНТЕНА СО 4 ЕЛЕМЕНТИ ЗА 144-146 MHz (DK7ZB)
I Z33T home page I страници на македонски јазик I
- Евтина, лесна, кратка, VHF антена со 4 елементи погодна за портабл работа (оригинално дизајнирана од Мартин, DK7ZB).
- Многу добри перформанси и добар однос напред-назад.
- Засилување = 8.25 dBi, односно 6.1 dB во однос на дипол (dBd).
- Антената има низок SWR во целото VHF радиоаматерско подрачје.
- Одлична антена за почетници во ова хоби, само треба да се внимава димензиите да бидат точни според шемата (со најголема толеранcија од +/- 1 mm).
- Напојувањето е со коаксијален кабел 50 оми приклучен директно на диполот од антената. Пожелно е да се направи 1:1 балун веднаш до точката на напојување, но не мора. Балунот служи за симетрирање на несиметричниот коаксијален кабел кон симетричната точка за напојување на антената, без трансформација на импедансата. Името BALUN доаѓа од англискиот израз BALanced-UNbalanced.
- Должината на антената изнесува само 76 cm, а носачот е со должина од 80 cm (може малку да се пушти подолг од задната страна за да се стави стега за прицврстување на антената).
- Сите елементи се изработени од алуминиумски цевки со дијаметар од 8 mm.
- Носачот на антената (Boom) е направен од алуминиумски квадратен профил 20х20mm.
- Елементите можат да бидат изолирани од носачот на антената, или да бидат заварени на алуминиумскиот носач.
- Ако елементите се изолирани од алуминиумскиот носач (поставени на изолатор на околу 5мм од алуминиумскиот носач), тогаш должините им се пократки (како оние дадени подолу во шемата), а ако елементите се заварени на алуминиумскиот носач, како што направив јас, тогаш должината на елементите треба да се продолжат поради влијание на металниот носач. Ако се користи метален носач со квадратен профил 20х20mm, Рефлекторот, и директорите треба да се продолжат за по 6 mm, а диполот само за 2 mm бидејќи тој е изолиран и поставен на кратко растојание од алуминиумскиот носач.
Сите елементи можат да се најдат во речиси секоја продавница за железарија и електрични материјали.
Најнапред на диполот, на местото каде треба да се приклучи коаксијалниот кабел, бев поставил метални стеги. Ги калаисав и го залемив кабелот на нив. При мерење на SWR-от, добив најниска вредност од 1:1.5 на средината на радиоаматерското подрачје (145 MHz), а на краевите од опсегот (144 и 146 MHz) SWR-от беше уште полош.
Потоа, наместо металните стеги, кои имаа голема површина и внесуваа додатен капацитет во точката на напојување, намотав цврсто неколку навивки со неизолирана бакарна жица на краевите од алуминиумските цевки на диполот, на местото каде што треба да се приклучи коаксијалниот кабел, ги калаисав и на нив ги залемив краевите од кабелот. Сега SWR-от беше многу подобар: 1:1.1 до 1:1.3 низ целото радиоаматерско подрачје. Се надевам дека ова ќе биде добра поука за оние кои ќе прават јаги антени.
Оваа антена е мала, лесна, па ја препорачувам за оние кои сакаат да работат од портабл локација.
При изработка на ваква Јаги антена, со импеданса од 50 оми во точката на напојување при што директно се приклучува коаксијалниот кабел, пожелно е да се користи, односно направи BALUN 1:1 за прилагодување на несиметричниот кабел кон симетричниот влез на антената. Јас користев обично торусно јадро кое е евтино и се употребува за спречување на RF-пречки (како на сликата подолу). Треба само да се постави на крајот од коаксијалниот кабел, во непосредна близина на точката на напојување. На тој начин се спречува РФ-струите од точката на напојување на антената да се „движат“ по надворешниот проводник од коаксијалниот кабел кон радиостаницата:
Дефинирање на елементите на антената во MMANA-GAL софтверот за моделирање и оптимизација на антени:
Дефинирање на елементите на антената во 4nec2 софтверот за моделирање и оптимизација на антени:
Графички приказ на SWR и фреквенцискиот опсег на антената:
Дијаграм на зрачење на антената во хоризонтална и вертикална рамнина:
Дијаграм на зрачење на антената прикажан во 3Д:
Оваа компактна антена е дизајнирана од Мартин, DK7ZB и можете да ја видете на неговата веб-страница ОВДЕ.
- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -
Миле Кокотов (2017 година)
Авторот е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката (професионално и аматерски)
Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница
I Z33T home page I страници на македонски јазик I