zname_mk mk_z33t zname_mk

ДАЛИ СТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА НОВАТА 5Г-ТЕХНОЛОГИЈА?


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


ДАЛИ СТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА НОВАТА 5Г-ТЕХНОЛОГИЈА?
Технолошкиот развој со забрзани чекори незапирливо оди напред овозможувајќи го  целокупниот развој на човечкото општество во целина.
На прагот сме на вистинска дигитална револуција која ќе ја овозможат новите електронски комуникациски мрежи од 5 генерација, популарно наречени 5Г кои имаат огромен потенцијал. Освен што ќе го смени начинот на кој комуницираме, овој нов технолошки стандард ќе го смени и начинот на кој сме навикнати да живееме. Електронските безжични мрежи од петтата генерација ќе донесат огромни брзини на пренос на податоци и неповратно ќе го сменат начинот на кој функционира општеството кое го познаваме денес, а дигитализацијата ќе навлезе во секоја пора од секојдневниот живот. Ќе живееме во паметни домови и паметни градови со паметни електронски дигитални уреди кои ќе ни помагаат и ќе ни го олеснуваат животот. „Интернет на нештата“ (Internet of things), како платформа која ги поврзува уредите меѓусебно, ќе стане реалност и ќе овозможи целосно поинакво секојдневие, нов начин на користење на домашните уреди, нов начин на организирање на слободното време, нов пристап во медицината, споделување на информации, подобри мобилни и јавни сервиси..

Што ни носи 5Г-технологијата?
Новата 5Г-технологија како никогаш до сега ќе придонесе за поголема оптимизацијата и поголема ефикасност на бизнис процесите и целокупното живеење. На пример, луѓето ќе комуницираат со здравствените организации преку своите мобилни уреди и далечински ќе се следи нивната здравствена состојба. Ќе се мери телесната температура, пулс, крвен притисок во реално време, со што навреме ќе се дијагностицират евентуални здравствени проблеми. Понатаму, во секој момент ќе знаеме каде се наоѓа нашето дете, автомобилите ќе бидат целосно автоматизирани без потреба од возач, а домашните уреди сами ќе знаат кога да се вклучат, а кога да се исклучат. Студентите ќе можат да ги следат предавањата на професорите без да бидат физички присутни во училницата. Докторите ќе можат да ја следат здравствената состојба на пациентите без тие да мораат да дојдат кај нив во амбуланта, а хирурзите ќе можат да оперираат пациент на далечина од било кое место во светот. Ќе биде овозможен надзор на многу процеси во реално време, како на пример, надзор на сензори за предвидување и рана дојава на природни катастрофи, цунами, урагани, земјотреси. Големата брзина на размена на информации и засилениот мониторинг ќе овозможи подобро справување со појавите на насилство, кражби и поефикасна борба против сите видови на криминал. Исто така ќе придонесе и за поголема безбедност на сите видови сообраќај (копнен, воздушен, поморски и радиосообраќај).
Со имплементација на електронските комуникациски мрежи од петтата генерација, многу футуристички работи, кои денес можеме само да ги замислиме, ќе станат реалност, а животот на луѓето ќе биде полесен, поинтересен, подобар и подолг.

Кои се основните карактеристики на 5Г-технологијата
и од кога ќе почне да се применува?
Новите електронски 5Г безжични мрежи според својата технолошка архитектура, се дизајнирани да бидат 1000 пати подобри од постоечката 4Г технологија, во поглед на брзина, капацитет, број на корисници и латенција (време на одзив).

5g1

Една од главните технолошки иновации што дури сега вистински ќе се имплементира е Масивна MIMO-технологоја. МIMO (Multiple-Input Multiple-Output) е безжична технологија која употребува повеќе РФ-предаватели, приемници и антени, за да се овозможи поголем проток на податоци во единица време. МIMO-технологијата го користи природниот феномен на простирањето на радиобрановите наречен multipath, односно простирање на радиобрановите преку повеќе патишта.

5g2

Емитуваните радиобранови во кои се модулирани корисни информации, се одбиваат од ѕидовите на зградите, плафони, покриви и други објекти, па во антената на приемникот пристигнуваат со различни агли и различно време, поради различната должина на патот кој го поминуваат одбиените и директните радиобранови. Ова предизвикува несакана интерференција и деградирање на брзината на пренос на податоците. MIМO-технологијата користи повеќе паметни РФ-предаватели, приемници и антени кои ги комбинира во зависност од конкретните услови и конфигурација на просторот (diversity-технологија), па на тој начин овозможува поголем проток на информации. MIMO-технологијата е позната и се употребува повеќе години наназад, но дури сега, со појавата на новата, петта генерација на безжични електронски комуникациски мрежи, ќе започне нејзината масовна примена.

5g3

 

5Г-мрежите користат паметни антени кои го менуваат снопот на зрачење и неговата насока, во зависност од потребите.

Операторите на електронските комуникациски мрежи ги чека посебен предизвик бидејќи поголемиот проток и брзина на информации подразбира изградба на оптички мрежи до секоја 5Г-базна станица. Освен тоа, постоечката инфраструктура и поставеност на мрежните елементи ќе претрпат целосна измена, бидејќи ќе треба да се постават моќни дата-сервери што поблиску до крајните корисници, за да се задоволат поголемита барања за брзина и латенција.

Новата 5Г-технологија во Европа и делови од Македонија се очекува да почне да функционира од 2020 година. Предвидувањата се дека до 2024 година, покриеноста со 5Г-мрежи ќе се прошири на повеќе од 40 проценти од светското население. Домашните телекомуникациски компании на големо се подготвуваат за новиот предизвик. Уште сега, во оваа 2019 година веќе се прават тестирања на локално ниво, но за официјален старт треба Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да објави тендер за доделување на фреквенции за 5Г-мрежи.

Дали и колку е опасно електромагнетното зрачење од 5Г-мрежите?
Недоволната и неправилна информираност на граѓаните за електромагнетното зрачење придонесува кај дел од луѓето да се појави страв од евентуални штетни последици по здравјето.
Со години наназад, сведоци сме на разни шпекулации за опасноста од изложеност на радиобранови и микробранови. Често можеме да слушнеме дека зрачењето од базните станици на мобилната телефонија e штетнo, а и WiFi-рутерите кои ги имаме по дома се опасни... 
Неодамна на интернет можевме да прочитаме дека при експериментирање со новата 5G-технологија, имало масовно изумирање на птици и други живи организми во близина на 5G-базните станици.
Денес на интернет секој може да напише секаква глупост, не наведувајќи никаква релевантна научна поткрепа и не цитирајќи никаков научен труд. Оставам на Вас дали да верувате на таквите сејачи на магла и теории на заговор.
Кратко потсетување: Базните станици на мобилната телефонија емитуваат електромагнетни бранови со фреквенција од околу 800 MHz до околу 2150 MHz. WiFi-рутерите што ги имаме дома, емитуваат електромагнетни бранови во микробрановото подрачје со фреквенција од околу 2.45 MHz и 5 GHz, а новата 5Г-технологија користи електромагнетни бранови со фреквенции над 3 GHz
Еве неколку факти за електромагнетните бранови:
Радиобрановите, микробрановите, инфрацрвеното зрачење, видливата светлина (која можеме да ја видиме со нашето сетило за вид), ултравиолетовото зрачење, рендген зраците, радиоактивното зрачење и најопасното гама зрачење имаат иста природа, односто сите тие зрачења претставуваат електромагнетни бранови, а меѓусебно се разликуваат само по нивната фреквенција, односно бранова должина.
Колку поголема фреквенција (помала бранова должина) имаат електромагнетните бранови, толку е поголема нивната енергија. Електромагнетните бранови кои имаат поголема бранова должина од 100nm (100 нанометри) немаат доволна енергија да извршат јонизација на ткивата и се нарекуваат нејонизирачки електромагнетни зрачења.
Во нејонизирачките електромагнетни зрачења спаѓаат радиобрановите, микробрановите, инфрацрвеното зрачење и видливите светлински зраци кои можеме да ги видиме со нашите очи. Нејонизирачките електромагнетни зраци не се опасни затоа што немаат доволно енергија за да извршат јонизација на ткивата. Најлошо нешто што можат да направат нејонизирачките зрачења е да го затоплат ткивото и тоа само ако моќноста на тоа зрачење е огромна и на многу мало растојание од изворот на нејонизирачкото зрачење.
Од друга страна, опасните јонизирачки зраци почнуваат веќе со ултравиолетовите светлински зраци, па понатаму кон поопасните рендген зраци, уште поопасните радиоактивни зраци и на крајот доаѓаат гама зраците кои имаат најмала бранова должина (највисока фреквенција) и се најопасни...
Човечкиот организам има свои природни механизми со кои може да се справи дури и со опасните јонизирачки зрачења, ако тие се во помали дози. Само големи дози на јонизирачко зрачење примени во краток временски интервал, може трајно да го оштети живото ткиво, па тогаш тие јонизирачки зрачења се навистина опасни.

5g4

А сега, малку попластично ќе објаснам дали радиобрановите како дел од електромагнетниот спектар се опасни, споредувајќи ги со други, далеку помоќни извори на електромагнетно зрачење, кои речиси сите ги имаме во своите домови, а тоа се инфрацрвените греалки и електричните светилки.
За да покажам дека радиобрановите и микробрановите кои се емитуваат од Wi-Fi рутерите и мобилните телефони воопшто не се опасни, ќе ги споредам со инфрацрвеното зрачење кое се емитува од инфрацрвените греалки со кои се топлиме по дома, а кои имаат илијадници пати поголема енергија од WI-Fi рутерите и мобилните телефони.
Инфрацрвените греалки емитуваат електромагнетно зрачење во инфрацрвеното подрачје од спектарот. Инфрацрвените зраци имаат фреквенција малку помала од видливата светлина, па затоа имаат помала енергија од светлинските зраци кои можеме да ги видиме и кои се насекаде околу нас. Фреквенцијата на инфрацрвените зраци е многу повисока од радиобрановите и микробрановите, па затоа инфрацрвените електромагнетни бранови имаат многу поголема енергија од радиобрановите и микробрановите.
Инфрацрвените греалки кои ги користиме за затоплување на домовите имаат многу голема моќ (2 до 4 kW), а зрачењето дополнително се засилува со рефлектор од позади и никој не се пожалил дека му пречи или бил „озрачен“ и се чувствувал лошо...
Арно ама, многу често можете да слушнете дека „зрачењето од WiFi-рутерите e опасно“, или „зрачењето од базните станици е опасно“ или „зрачењето од радиопредавателите е опасно“
Таквите тврдења едноставно немаат научна и практична основа, бидејќи освен што фреквенцијата на Wi-Fi-рутерите и радиобрановите е далеку помала од инфрацрвените зраци (со кои пријатно се затоплуваме), моќноста на греалките е многу поголема (2, 3 или 4 kW, наспроти < 0,1W на WiFi-рутерите).
Енергијата на честиците-фотони од електромагнетните бранови е правопропорционална со нивната фреквенција. Електромагнетните бранови со поголема, односно, повисока фреквенција имаат и поголема енергија. Бидејќи фреквенцијата на радиобрановите и микробрановите е помала, тие имаат многу помала енергија од инфрацрвените зраци на електричната инфрацрвена греалка со која се грееме дома. Освен тоа, моќноста на еден Wi-Fi-рутер или базна станица за мобилна телефонија е стотици, па дури илјадници пати помала од една инфрацрвена греалка. Затоа, не им верувајте на разните сензационалистички новинарски написи или на квазинаучници кои сакаат да се „прослават“ со тоа што ќе пласираат докази за „смртоносните“ радиобранови.
Постои електромагнетно зрачење кое е навистина опасно, а тоа е јонизирачкото електромагнетно зрачење:

5g5

Овие електромагнетни бранови имаат многу висока фреквенција (екстремно мала бранова должина) многу помала од брановата должина на видливата светлина. Опасните јонизирачки електромагнетни бранови почнуваат веќе со ултравиолетовата светлина па нагоре,  кон рендген зраците и радиоактивните зраци....
Во следнава табела може да се види дека колку фреквенцијата е повисока, односно колку брановата должина на електромагнетните бранови е помала - толку поголема енергија имаат тие:

5g6

 

Затоа, драги мои, бидете си раат. Радиобрановите нема да ви наштетат. Тие се десетици илјади пати помалку штетни од една инфрацрвена греалка со која се грееме по дома и која ни овозможува пријатна безбедна топлина во ладните зимски денови.
И уште нешто: Друг пат, кога некој ќе Ви говори за тоа колку се опасни радиобрановите и микробрановото зрачење, сетете се на тоа колку летото сакаме да се сончаме! 
Сонцето има енергија од околу 1000 W на м2 хоризонтална површина (за географската положба на Македонија) а неговите зраци се со многу, многу повисока фреквенција од радиобрановите, што ќе рече дека сончевото зрачење е милиони пати поопасно од некоја радиостаница во близина или Wi-Fi-рутерот или пак зрачењето на базните станици од мобилната телефонија и 5Г-мрежите.
Сите дома имаме електрични светилки, а некои од нив се со моќност неколку пати поголема од моќноста на базните станици од мобилните мрежи. Светилките емитуваат електромагнетни бранови со многу повисоки фреквенции од електромагнетните бранови на 5Г-мрежите. Освен тоа, светилките ни се во домот, во непосредна близина над нашите глави. Па никој не се пожалил дека електричните светилки се опасни!
Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење (ICNIRP = International Commission on Non-Ionizing Radiation) има издадено ПРЕПОРАКИ за безбедно ниво на електромагнетно зрачење кое е засновано на низа научни испитувања и искуства. Препорачаните максимални вредности на нејонизирачко зрачење од година на година се зголемуваат бидејќи евидентно е дека за разлика од јонизирачкото зрачење, нејонизирачкото зрачење нема штетни последици по здравјето на човекот. Најштетната работа што можат да ја направат нејонизирачките електормагнетни бранови е малку да го загрее ткивото, и тоа доколку имаат многу поголема моќ од онаа која се употребува во 5Г-мрежите.
Авторот на овој напис, за потребите на еден магистерски труд има извршено низа научни мерења и испитувања на максималните вредности на електромагнетното зрачење на четириесетина најкритични точки во градот Штип. Заклучокот е дека на ниту едно место, вредноста на електромагнетното зрачење не надминува една десетина од препорачаните максимални вредности од страна на ICNIRP.  

За крај:

Можеби ќе наидете на некои истражувања, каде има искази од некои луѓе опфатени со истражувањето кои наведуваат дека чувствуваат дека имаат главоболки или други штетни манифестации кога се наоѓаат на места озрачени со радиобранови или микробранови. За штетноста или не, на нејознизирачкото електромагнетно зрачење има многу шпекулации, тоа е повеќе од јасно. Сепак, освен пријатно затоплување на ткивата во присуство на многу јаки радиобранови, микробранови, инфрацрвени бранови па се до видливата светлина, други практични и мерливи ефекти нема. Доволно е споредбата што секој од нас е изложен на екстремно јаки електромагнетни бранови од инфрацрвените греалки дома и од сонцето надвор, (и се чувствува пријатно), додека радиобрановите во етерот се милиони пати послаби.
Ве уверувам дека ако некој тврди дека има чувство оти радиобрановите негативно влијаат на него, тогаш тоа се должи на неговата свест која везден е изложена на разни новинарски написи за наводната голема штетност од радиобрановите. Во науката тоа е познато како „Nocebo effect“ и се однесува на примери кај кои негативната сугестија кај некои луѓе доведува да тие навистина имаат последици по нивното здравје, па дури се убедени дека чувствуваат болка...

Повеќе за таканаречениот „Nocebo effect“ можете да прочитате на овие линкови: (1) , (2) , (3) , (4) ...

 

Миле Кокотов (јуни 2019 година)

Авторот е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката (професионално и аматерски)

Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница


I Z33T home page I страници на македонски јазик I