mile_slika_biography


м-р Миле Кокотов е дипломиран инженер по индустриски менаџмент и магистер по технички науки.

Роден е 1964 година во Штип каде го завршил основното и средно образование со континуиран одличен успех. Студирал на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје (Електротехничкиот факултет) како и на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (Факултет за природни и технички науки)

Дипломирал со средна оцена 9.00, магистерските студии ги завршил со средна оценка 9.65

Уште од својата рана младост се интересира за електротехниката, електрониката, радио техниката и електронските комуникации.


Во 1977 година, на свои 13 години се зачленува во радио клубот „Никола Тесла“ - Штип поради голема желба за радиоконструкторството и електрониката.

Во 1979 година станува лиценциран радиооператор со положена „Ц“ радиоаматерска класа а истата година добива диплома за успешно положен радиоконструкторски курс - „почетна категорија“.


Во 1979 година го конструира првиот “ЦБ” примопредавател na 27 MHz.

Bо осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век, е член на Управниот одбор на Радио клубот од Штип каде држи курсеви за најмладите запознавајќи ги со основите на електрониката и конструкции во радио техниката. Во тоа време учествува на многу државни и меѓународни натпревари од областа на радио комуникациите,  конструкции на електронски склопови, RF уреди и антени.  Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија.


Во 1982 година како ученик во средно образование го проектира и конструира својот прв ФМ Радиодифузен предавател со моќност од 2W.


Во 1984 година го проектира и конструира својот прв ТВ предавател.


Истата 1984 година , како студент, добитник е на првата награда на СПАТУ (Сојуз на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања) за проектирање и изработка на "SSB & CW -  моќна радио станица на кратки бранови за комуникација со радио аматери од целиот свет"

Во 1985 година се здобива со лиценца на радиооператор „Б“ класа и диплома за положен радиоконструкторски курс од „Средна класа“.


Истата 1985 година го освојува првото место на државниот Шампионат во Радио-Гониометрија во тогашна Југославија во дисциплината Радио Гониометрија во населено место.

Во 1987 година добива одобрување за користење на личен радиоаматерски повикувачки знак YU5GW.

Во 1988 година успешно го положува курсот за радиоаматери-конструктори - „Виша класа“

Во овие години во рамките на своето хоби има изградено голем број антени, предаватели, приемници, засилувачи, разни инструменти, како и голем број РФ и НФ електронски уреди.


Со текот на времето, Интересот од областа на електрониката и телекомуникациите прераснува од хоби во професионална ориентација.


Од 1986 до 1993 година работи во Секретаријатот за Народна Одбрана (подоцна Министерство за одбрана) на работно место поврзано со електронските комуникации.


Во 1988 година е основач на Сервис за електроника и поправка на  Радио и ТВ приемници.


Во 1989 година е основач на едно од првите приватни претпријатија во СФРЈ. Веднаш откако со познатиот закон за претпријатијата од 1989 година, беше дозволено основање на приватни претпријатија. Претпријатието со име „Теко“ беше регистрирано за производство и промет на електронска опрема и автоматика. Изработуваше алармни уреди, и разни индустриски електронски уреди за управување на производни процеси. Алармните уреди за заштита од кражби и пожар, се здобија со сојузен сертификат на тогашната сојузна држава Југославија, така што беа инсталирани во повеќе државни институции, како и во неколку цркви во Македонија.


Истата 1989 година е основач на првата приватна ТВ станица во тогашна Југославија  - „ТВ Теко“ – Штип. Тоа е време кога во етерот на Македонија беше присутна само Југословенската радио телевизија и Македонската радио телевизија со вкупно две ТВ и три радио програми. Интересно е што на почетокот, целокупната предавателна и голем дел од опремата за комутација на сигналите во студиото, беше изработена од авторот. Првата „привремена дозвола“ за емитување на експериментална Телевизија  ја доби лично од тогашниот претседател на Сојузниот Извршен Совет на СФРЈ, господинот Анте Марковиќ, кој дојде лично во Штип и го даде првото интервју во „ТВ-Теко“ како прва приватна независна ТВ станица во тогашна Југославија.


Во 1990 година, по барање на претседателот на Република Макдонија, господинот Киро Глигоров кој беше родум од Штип, ТВ „Теко“ активно учествува во ТВ промоцијата при гласањето за независност на Република Македонија кое успешно се одржа на 8-ми септември. Така, полека се трасираше и  легализираше патот за формирање на приватни електронски медиуми во Република Македонија.


По првиот успех, се родија многу приватни ТВ и радио станици во Македонија. Во многу од нив Миле Кокотов  учествувал како консултант во набавката и монтажата на предавателната и студиската опрема.


Во 1990 година е проектант и надзор на монтажата на Независната телевизија во Прилеп (Центар за Печат Радио и Телевизија – Прилеп) Прва „официјална“ независна ТВ (надвор од тогашната ЈРТ - Југословенска Радио и Телевизија) Отворањето го изврши и официјализира тогашниот член на претседателството на СФРЈ, Васил Тупурковски. Ова беше од особена важност од причина што во тоа време, во Социјалистичка Југославија, беше практично незамисливо да постои независна радио или ТВ станица надвор од системот на државната Југословенска Радио – Телевизија. Беше потребен огромен напор за да се заокружи законската регулатива и да се дозволи постоење на приватни електронски медиуми. Миле Кокотов активно партиципираше во сите организирани округли маси и работилници во врска со легализацијата на приватните електронски медиуми во Југославија.


Истата 1990 година, Миле Кокотов е проектант и учествува во монтажата на целокупната предавателна и студиска опрема на на приватната ТВ станица „ТВ Суко“ во Гостивар и ТВ „Мифи“ во Тетово.


Во периодот од 1990 до 1996 година е советник во Собранието на општина Штип, избран на првите слободни повеќепартиски избори во самостојна Република Македонија. Исто така е член на општинската комисијата за јавни гласила (електронски и печатени медиуми).


Во 1991 година е проектант и надзор на монтажата на ТВ „РиО“ во Кавадарци и ТВ „Здравкин“ од Велес.


Во 1992 година е проектант и надзор на монтажата на предавателната и студиската опрема на ТВ „Пако“ од Св. Николе и ТВ „Зора“ од Куманово.


Во 1993 година е еден од основачите на Асоцијацијата на Приватни Електронски Медиуми на Македонија (АПЕМ).


Во 1993 година добитник е на грант од Меѓународниот фонд за медиуми основан во САД (International Media Fund) преку канцеларијата за врски на САД во Скопје (тогаш не постоеше Амбасада на Сад во Република Македонија).


Истата 1993 година учествува како консултант и надзор во инсталирањето на предавателната опрема на ТВ „Зери“ и ТВ „Хана“ од Куманово.

Од 1993 do 2007 година го користи радиоаматерскиот знак Z32GW.


Во 1994 година е основач на ТВ „Ирис“ од Штип и е член на комисијата за телекомуникации при Стопанската Комора на Македонија.


Истата 1994 година, (неколку години пред појавата на мобилната телефонија) по нарачка на Телеком-Македонија, го проектира, изработи и инсталира еден од првите безжични телефонски системи во Македонија (Телефонско поврзување на лесновскиот Манастир).


Во 1994 година добитник е на грант за медиуми од Институтот Отворено Општество – Сорос.


Во 1995 година е проектант и учествува во инсталацијата на предавателната опрема на радио „Ла Коста“ од Виница.


Интересен податок е дека во 1995 година во Република Македонија има најголем број на приватни ТВ станици по глава на жител во Европа (300 радио и ТВ станици). Покасно, со уредувањето на законската регулатива, многу од овие мали РТВ станици се здружија и прераснаа во неколку поголеми електронски медиуми или пак едноставно згаснаа под притисок на  жестоката конкуренција.


Во 1996 година е основач и директор на претпријатието „Миником“ за производство на електронска опрема, индустриска автоматика, контрола на пристап и видео надзор. Многу од иновациите во тоа време беа проектирани, изработени и инсталирани во штипскиот Затвор и Медицински Центар од страна на авторот.


Во состав на тоа претпријатие, во 1996 година започна да работи Кабелскиот Дистрибутивен Систем „Миником“ како една од првите Кабелски Телевизии во Македонија. Најнапред со 16 ТВ канали, потоа со 24 ТВ канали.


Миле Кокотов е еден од основачите на Стопанската Интересна Заедница на Кабелски Телевизии „МК-Нет“ при Стопанската комора на Македонија а подоцна е член на управниот одбор.


Во 1999 година е проектант на Кабелскиот дистрибутивен систем „Кале“ во Кичево и консултант на почетокот од изградбата на КДС во Ресен.


Во 2000 година соосновач и директор на кабелскиот дистрибутивен систем „Кадис“ – Скопје.


Во 2001 година е соосновач на кабелските дистрибутивни системи „Антена“ во Скопје и „Канал-32“  во Драчево, а учествувал во проектирањето на Кабелскиот дистрибутивен систем „Алтрасат“ во Охрид.


Во 2002 година е соосновач на кабелскиот дистрибутивен систем „Кабел Фокс“ во Скопје а во 2003 година е соосновач на кабелските дистрибутивни системи „Кабал Плус“ во Градовите Лесковац и Врање во Република Србија.


Во 2002 година заедно со Македонската Телевизија ја подготвува и реализира емисија на тема „Кабелски дистрибутивни системи“ која се емитуваше во рамките на образовната програма на МТВ.


Во 2007 година како менаџер на „Кадис“ е добитник на меѓународната престижна награда "BID – Business Initiative Directions – Gold Category" во Париз.

Истата 2007 година се стекнува со диплома за положена радиоаматерска „А“ класа и личниот знак од Z32GW го заменува за: Z33T.


Од 2007 година работи на раководни места во телекомуникациски компании.

Во ноември 2016 година, Миле Кокотов е избран за Претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија.

 


I Z33T home page I страници на македонски јазик I