zname_mk mk_z33t zname_mk

ДАЛЕЧИНСКИ ЕЛЕКТРОНСКИ АНТЕНСКИ СЕЛЕКТОР СО ТАСТЕРИ


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


Честопати се укажува потреба да може да се бира една од неколку антени поставени на различни места, а притоа изборот да се прави со притискање на само еден тастер. На пример, ако на трансиверот е вклучена антена број 3 и во еден момент сакаме наместо антената број 3, да ја вклучиме антената број 1, тогаш е потребно само кратко да го стиснеме тастерот број 1 и во тој момент, наместо антената број 3, на уредот ќе биде приклучена антена број 1.

Исто така, ако имаме поставено неколку антени на покривот од некоја висококатница, а живееме во приземје, овој практичен уред ќе ни овозможи наместо од секоја антена до станот на приземјето да пуштиме по еден кабел, да имаме само еден коаксијален кабел кој оди од станот на приземје, горе до покривот. На покривот блиску до антените ќе биде поставена кутијата со релињата, а долу во станот ќе биде поставена контролната кутија со која ќе бираме која од неколкуте антени ќе биде вклучена на коаксијалниот кабел кој води до станот на приземјето од висококатницата.

Овој далечински електронски преклопник на антени е посебно практичен во контести, за брза (моментална) промена на различни антени, со притискање на само еден тастер.

Иако денес некои можеби ќе кажат дека ваков уред може да се направи со „Ардуино“ или некој друг микроконтролер, оваа шема е едноставна и изведена на класичен начин, со употреба на две интегрални логички кола 4001, без потреба од софтвер, a цената на целиот уред не би требало да чини повеќе од 40-50 евра.

Интегрираното (CMOS) коло 4001 во себе содржи четири „нили“ (NOR) логички кола со по два логички влезови. Секое логичко „НИЛИ“ коло на својот излез ќе даде лочичка единица (високо ниво), само ако на двата логички влезови се појави логичка нула (ниско ниво) во сите други случаи, излезот на колото ќе биде на логичка нула (ниско ниво). Тоа е прикажано на следнава табела:

tabela_nili_nor

Во овој електронски склоп, за преклопување на 4 антени, се употребени две интегрирани кола 4001, што значи дека има вкупно 8 нили (nor) логички кола.

Со две интегрални кола 4001 може да се преклопуваат 4 антени. Доколку е потребен селектор за повеќе антени, тоа може да се изведе со додавање на уште едно или две интегрални кола 4001. Соодветно ќе треба да се додадат диоди, транзистори и релиња.

Значи како што реков, со 2 IC 4001 можат да се преклопуваат 4 антени, како на оваа шема подолу:

pbcu_s

кликнете на горнава шема за да ја видете во поголема резолуција

 

Со три IC 4001, оваа шема може да се прошири за 6 антени, а со 4 IC 4001, може да се прошири за 8 антени.

Управувачката кутија со интегрираните кола се поставува крај радиостаницата, а антенската кутија со релињата, се поставува издвоено, во близина на антените.

Ова е шемата на кутијата со релиња:

arb_s

кликнете на горнава шема за да ја видете во поголема резолуција

 

VDR-отпорниците служат за заштита од краткотрајни напонски пикови.

За фреквенции до 50 MHz и РФ-моќ до 1кW, може да се употребуваат обични релиња чии контакти се предвидени за јачина на струја од 16 А, За поголеми РФ-моќности, за секоја антена треба да се стават по две релиња паралелно споени едно-до друго. Сите водови од релињата треба да бидат што пократки. Со две релиња предвидени за 16 А, ако SWR-от е низок (испод 1:1,5), РФ-моќноста на предавaтелот може да биде и 4kW!

Сличен уред, со едно интегрирано коло (CD40174 или MC14174) со можност за селекција на 6 антени, е опишан во друг напис од мојата веб-страница. Можете да го погледнете овде.

 

 

Миле Кокотов (2018 година)

Авторот е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката и е Претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија

Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница


I Z33T home page I страници на македонски јазик I