zname_mk mk_z33t zname_mk

РАДИОАМАТЕРСКИ ФРЕКВЕНЦИСКИ ОПСЕЗИ


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


Радиофреквенциите, во зависност од својата фреквенција и бранова должина се поделени на повеќе подрачја:

tabela_rf

Радиоаматерите можат да одржуваат радио врски со свои колеги од целиот свет. Тие тоа го прават на определени фреквенциски опсези (бандови). Најпопуларните радиоаматерски фреквенциски опсези на кратки бранови се:

1.8 MHz (бранова должина од 160 m)*
3.5 MHz (бранова должина од 80 m)
7 MHz (бранова должина од 40 m)
14 MHz (бранова должина од 20 m)
21 МHz (бранова должина од 15 m)
28 MHz (бранова должина од 10 m)

Освен горенаведените радиоаматерски опсези, во краткобрановото подрачје спаѓаат и таканаречените WARC-бандови (WARC = World Administrative Radio Conference):

10 MHz (бранова должина од 30 m)
18 MHz (бранова должина од 17 m)
24 MHz (бранова должина од 12 m)

На WARC-бандовите не се организираат натпревари, па поради тоа посебно се интересни за оние радиоаматери кои не учествуваат во контести и сакаат да си работат нормални радио врски, без големата „гужва“ што ја предизвикуваат натпреварите.

Во областа на ултракратките бранови (УКБ) со фреквенција повисока од 30 MHz се сместени следните радиоаматерски фреквенциски опсези:
50 MHz (VHF) со бранова должина од 6 m
144 MHZ (VHF) со бранова должина од 2 m
432 MHz (UHF со бранова должина од 70 cm
1296 MHz (UHF) со бранова должина од 23 cm

Во следната табела се прикажани радиоаматерските опсези:

tabela_bandovi

 

1.8 MHz (160 m)
Овој радиоаматерски опсег фреквенциски е лоциран веднаш по радиодифузниот опсег на средни бранови. Иако многумина го спомнуваат како најнизок краткобранов опсег, всушност овој банд спаѓа во подрачјето на средните бранови, односно средни фреквенции. Овој опсег радиоаматерите го нарекуваат „Топ Банд“.

160m

графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во опсегот од 1,8 MHz


Карактеристиките на овој радиоаматерски опсег се многу слични со карактеристиките на радиодифузниот среднобранов опсег. Преку ден, дометот на радиосигналот е многу ограничен и може да се користи само за локални радиоврски, со помош на површинските бранови, бидејќи просторните бранови на оваа фреквенција за време на денот силно се апсорбирани од јоносферскиот слој „D“. Во зависност од моќноста на предавателот, можни се врски до 50-60 километри.
Јоносферскиот слој „D“ егзистира само преку ден, и се формира под дејство на сончевите зраци. По заоѓање на сонцето, Слојот „D“ многу брзо се расформира, а со тоа слабеењето на сигналите од овие фреквенции се намалува, па така, со првиот мрак, растојанието на кое е можна радиокомуникација на овој банд почнува да се зголемува. За време на ноќта, можат да се остварат подалечни DX-врски. За комуникација помеѓу две радиостаници на многу голема далечина, потребно е на локациите на обете радиостаници да е ноќ.
Понекогаш, за време на самракот пред изгревање или по залезот на сонцето, можни се краткотрајни периоди (најчесто 5 до 15 минути) во кои значително се подобруваат условите за остварување на далечни врски.
Врски помеѓу Европа и Северна Америка, се можни особено во периоди непосредно пред изгревање на сонцето во Европа, или во периоди непосредно по заоѓање на сонцето во Северна Америка, така што на целиот пат што треба да го поминат радиобрановите помеѓу двете радиостаници да е ноќ.
DX-Врски во правец север-југ најчесто се можни околу полноќ.
Нивото на РФ-шум и импулсни РФ-пречки често е многу високо. Освен тоа атмосферските РФ-пречки се исто така многу изразени, особено во лето, кога има голем број на грмотевици во регионот. Во овој опсег се присутни и многу РФ-пречки кои потекнуваат од индустријата, како и од разни електрични машини во населените места.
За време на периодите со минимум сончева активност, односно минимум сончеви пеги (од 11 годишниот сончев циклус), овој банд станува интересен, а особено за време на зимата, кога ноќите се подолготрајни и кога можат да се постигнуваат далечни радиоврски.
Општо земено, радиоврските на големи растојанија во овој радиоаматерски опсег се подобруваат во текот на зимата, кога ноќта е подолга, а грмотевиците кои создаваат радиопречки се многу ретки. Притоа, треба да се има предвид дека кога е зима на северната хемисфера од планетата, на јужната хемисфера е лето, па таму условите за радиоврски на овој банд не се баш оптимални и обратно.

Брановата должина на овој фреквенциски опсег е околу 160 метри, па и најобичните антени, како што се дипол, GP, инвертед „V“ и слични, се со многу големи димензии, а тоа претставува сериозен проблем. На пример, должината на една жичена дипол-антена за овој опсег изнесува околу 78 метри! Освен тоа, висината на која треба да се постават антените за да бидат поефикасни за DX-врски треба да биде многу голема, бидејќи ако еден жичен дипол се постави на само 15 - 16 метри од земјата, тоа претставува само една дeсетина од брановата должина, што е недоволна висина за ефикасно зрачење на антената со низок агол кон хоризонтот, потребно за одржување на подалечни радиоврски. Да се потсетиме, сигналите на далечните DX-радиостаници доаѓаат со низок агол кон хоризонтот, а сигналите на блиските радиостаници (одбиени од јоносферата) доаѓаат вертикално одозгора или под висок агол во однос на хоризонтот. Затоа, за одржување на далечни врски, најчесто се поставува вертикална (GP) антена која има таква карактеристика да зрачи и прима под низок агол во однос на хоризонтот, а одозгора, под висок агол е многу помалку осетлива, па затоа има помалку пречки од блиските станици, чии сигнали доаѓаат под висок агол одбиени од јоносферата. Но изработката на една вертикална антена, е исто така многу комплицирана, бидејќи должината на вертикалниот елемент на GP-антената треба да изнесува една четвртина од брановата должина, а тоа се цели 40 метри!
Максимална РФ-моќност во овој опсег која може да се употреби во Македонија изнесува 300 W.

 

3.5 MHz (80 m)
Овој најнизок краткобранов радиоаматерски банд е сличен на 1.8 MHz, со тоа што полесно се постигнуваат радиоврски на поголеми растојанија. Овој опсег може да биде многу „зафатен“, а тоа се забележува особено навечер, бидејќи се користи од многу корисници кои емитуваат разни радио-сервиси. Исто така, нивото на РФ-шум и импулсни РФ-пречки често е многу високо. Атмосферскиот РФ-шум е малку помал во однос на 160 метарскиот опсег, ама сепак е доста присутен, особено во лето, кога има голем број на грмотевици во регионот.

80m

графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во краткобрановиот опсег од 3,5 MHz


Во текот на денот, поради присуството на јоносферскиот слој „D“ кој се формира од сончевото зрачење, а кој во голема мера ги слабее сигналите на овие фреквенции, растојанието во рамките на кое е можно да се воспостави радиоврски е ограничено на околу 200 до 300 километри. Во текот на зимата преку ден се можни малку подалечни врски во однос на летото, па така во зимските денови, максималните домети се до околу 400 километри.
Во текот на ноќта, растојанието на кое е можно да се воспостави радиоврски се зголемува многукратно, па така, без некој поголем проблем може да се комуницира со радиоаматери кои се оддалечени 1500 до 2000 km, а со добри антени и со подалечни радиостаници.
За време на периодите со минимум сончева активност, односно минимум сончеви пеги (од 11 годишниот сончев циклус), овој банд е многу атрактивен, а особено за време на зимата, кога ноќите се подолготрајни и кога можат да се постигнуваат многу далечни радиоврски.
Пропагациите по должината на таканаречената „сива линија“ (grey line) често се многу поволни за остварување на DX-врски, кога многу далечни радиостаници се слушаат како да се локални. „Сива линија“ се нарекува тесното подрачје на земјината топка, кое е опфатено со самракот пред изгревање на сонцето и по заоѓање на сонцето. Всушност, „Сивата линија“ е тесна област околу граничната линија помеѓу денот и ноќта на Земјината топка. Се разбира, овие поволни DX-пропагации можат да се појават на ограничени подрачја и се краткотрајни, а најчесто се случуваат во текот на пролетта и есента.
Во зимските месеци, особено во годините со минимум сончеви пеги и во период на првите утрински часови, пред изгрејсонце, можни се интерконтенентални радиоврски. Притоа се јавува „мртва зона“ од околу 1000 km поради далечината на прескокнување на радиобрановите одбиени од јоносферата. При вакви услови, блиските европски радиостаници можат да го попречуваат приемот само во рамките на дометот на нивните површински радиобранови, па сигналите на DX-станиците можат подобро да се слушнат.
За одржување на SSB DX-врски се предвидени фреквенциите помеѓу 3.575 до 3.800 kHz, каде што не треба да се одржуваат локални разговори, бидејќи можат да го попречат работењето на оние кои се обидуваат да остварат далечни врски.
Во Европа овој радиоаматерски опсег е ограничен од 3.5 до 3,8 MHz, а во САД е дозволена работа од 3.5 до 4 МHz.

Брановата должина на овој фреквенциски опсег е околу 80 метри, па слично како и кај претходниот банд (160м), антените треба да бидат со големи димензии, а тоа претставува сериозен проблем. На пример, должината на една жичена дипол-антена за овој опсег изнесува околу 40 метри. Освен тоа, висината на која треба да се постават антените за да бидат поефикасни за DX-врски треба да биде многу голема (барем 40 метри), бидејќи ако еден жичен дипол се постави на некои 15 - 16 метри од земјата, тоа претставува само една петина од брановата должина, што е недоволна висина за ефикасно зрачење на антената со низок агол кон хоризонтот, потребно за одржување на подалечни радиоврски. Да се потсетиме, сигналите на далечните DX-радиостаници доаѓаат со низок агол кон хоризонтот, а сигналите на блиските радиостаници (одбиени од јоносферата) доаѓаат вертикално одозгора или под висок агол во однос на хоризонтот. Затоа, за одржување на далечни врски, најчесто се поставува вертикална (GP) антена која има таква карактеристика да зрачи и прима под низок агол во однос на хоризонтот, а одозгора, под висок агол е многу помалку осетлива, па затоа има помалку пречки од блиските станици, чии сигнали доаѓаат под висок агол одбиени од јоносферата. Но изработката на една вертикална антена, е исто така комплицирана, бидејќи должината на вертикалниот елемент на GP-антената треба да изнесува една четвртина од брановата должина, а тоа се цели 20 метри.

 

7 MHz (40 m)
Четириесетметарскиот радиоаматерски опсег е посебно интересен бидејќи можат да се работат радиоврски на блиско растојание, но исто така и на многу голема далечина.
На овој банд, дури и преку ден можат да се воспостават DX-врски, а во текот на ноќта се можни врски со целиот свет.
Во Европа порано овој радиоаматерски опсег беше ограничен од 7 до 7.1 MHz, а од неодамна се прошири до 7.2 MHz. Во САД е дозволена работа до 7.3 МHz.

40m

графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во краткобрановиот опсег од 7 MHz


Слеабеењето поради јоносферскиот слој „D“ во текот на денот е присутно и на овој радиоаматерски опсег. Преку ден можат да се слушаат радиостаници на растојание и преку 1000 километри, а во поволни услови и до 2000 километри. Во текот на денот мртвата зона изнесува околу 100 километри.
За време на ноќта растојанието значително се зголемува, ама за сметка на тоа, нивото на сигналите од блиските радиостаници се намалува и се јавуваат таканаречени „мртви зони“. Тоа се области на релативна блиска оддалеченост, со кои не е можно да се оствари радиоврска, поради тоа што просторните радиобранови емитувани под висок агол нагоре кон јоносферата, при определени услови во текот на ноќта, не се одбиваат назад кон Земјата, туку поминуваат низ јоносферата и се губат во вселената. Од друга страна, радиобрановите емитувани од антената под понизок агол, се одбиваат од јоносферата и се враќаат кон Земјата на многу голема далечина. На тој начин се јавува интересен случај кога блиските радиостаници (до триесетина километри) до кои доаѓа површинскиот бран се слушаат, потоа доаѓа „мртва зона“ од која не се слушаат радиостаници, па потоа доаѓа област на поголемо растојание од која повторно лесно се слушаат радиостаниците...
Почнувајќи од доцните попладневни часови, особено во период на минимум сончеви пеги, можни се интерконтинентални радиоврски, иако ретко можат да се искористат поради пречките од блиските радиостаници. Во текот на ноќта, особено во зимските месеци, далечината на прескокнување на радиобрановите одбиени од јоносферата се зголемува, а околу полноќ е максимална. Во такви услови, голем дел од Европа се наоѓа во мртва зона, па затоа може да се одржуваат радиоврски со другите континенти без да има пречки од европските станици. Најголеми домети на радиосигналот се постигнуваат кога на целата траса, односно на целиот пат кој го поминуваат радиобрановите е ноќ. Тогаш го нема јоносферскиот слој „D“, кој ги слабее сигналите на овие фреквенции.
Атмосферските пречки се помали во однос на бандовите со пониска фреквенција (1.8 и 3.5 MHz), но во текот на летото, кога има чести атмосферски празнења, грмежи и молњи во околината, тие можат во голема мера да ги попречат далечните радиоврски.
Овој радиоаматерски опсег е омилен за голем број радиоаматери особено во периодот на мала сончева активност од 11 годишниот соларен циклус. Во таков период, за време на ноќта се работат DX-станици, а во текот на денот се разговара со локалните пријатели.
Слично како на пониските радиоаматерски бандови, и во четириесетметарскиот опсег, во самрак, за време на таканаречената „сива линија“ (grey zone) се можни спектакуларни врски на многу голема далечина.

Брановата должина на овој фреквенциски опсег е околу 40 метри, па слично како и кај претходните бандови (1.8 и 3.5 MHz), антените треба да бидат со релативно големи димензии. На пример, должината на една жичена дипол-антена за овој опсег изнесува околу 20 метри. Освен тоа, висината на која треба да се постават антените за да бидат поефикасни за DX-врски треба да биде барем 20 метри, бидејќи ако еден жичен дипол се постави на некои десетина метри висина од земјата, тоа претставува само една четвртина од брановата должина, што се уште не е доволна висина за ефикасно зрачење на антената со низок агол кон хоризонтот, потребно за одржување на подалечни радиоврски. Да се потсетиме, сигналите на далечните DX-радиостаници доаѓаат со низок агол кон хоризонтот, а сигналите на блиските радиостаници (одбиени од јоносферата) доаѓаат вертикално одозгора или под висок агол во однос на хоризонтот. Затоа, за одржување на далечни врски, најчесто се поставува вертикална (GP) антена која има таква карактеристика да зрачи и прима под низок агол во однос на хоризонтот, а одозгора, под висок агол е многу помалку осетлива, па затоа има помалку пречки од блиските станици, чии сигнали доаѓаат под висок агол одбиени од јоносферата. Но изработката на една вертикална антена за овој радиоаматерски опсег не е толку лесна, бидејќи должината на вертикалниот елемент на GP-антената треба да изнесува една четвртина од брановата должина, а тоа се 10 метри.

 

14 MHz (20 m)
Радиоаматерскиот опсег 14 MHz со бранова должина од 20 метри претставува традиционален DX-опсег, за одржување радиоврски на голема далечина. Овој популарен DX-банд, без разлика на сончевиот 11 годишен циклус, односно активноста на сонцето и бројот на сончеви пеги, речиси секогаш е доволно поволен за радиоврски со другите континенти.
Во текот на денот, речиси секогаш можат да се слушнат радиостаници на растојание помеѓу 800 и 2500 километри, а кога условите се добри можат да се слушнат радиостаници од целата земјина топка.

20m

графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во краткобрановиот опсег од 14 MHz

Во период на минимум сончеви пеги и во текот на зимата, 20-метарскиот опсег е „отворен“ само во текот на денот, додека ноќе е „затворен“ и нема услови за радиоврски. На овој фреквенциски опсег речиси секогаш постои „мртва зона“. Во период на намалена сончева активност (намален број на сончеви пеги) мртвата зона се протега до околу 1000 километри во текот на денот, а во период на зголемена сончева активност (максимум сончеви пеги) мртвата зона се намалува до 400 километри и помалку. Во текот на летните месеци мртвата зона понекогаш и не постои. Во годините со минимум сончеви пеги, „отварањето“ кон другите континенти се пократки и поретки.

На пролет и на есен, е поволен период за одржување на радиоврски со станици од спротивната хемисфера, па во различни периоди од денот, на северната хемисфера, со леснотија се слушаат станици од различни области на јужната хемисфера.

Во текот на еден ден можат да се слушнат сигнали од целиот свет. Во раните утрински часови сигналите доаѓаат од исток и често може да се воспостави радиоврска со радиостаници од спротивната страна на Земјата. Кога овие сигнали ќе исчезнат, ќе се појават повеќе локални сигнали, а потоа, како што сонцето се движи кон запад, може да се појават „отварања“ кон запад. Исто така, кога во областите од спротивната страна на Земјата се приближува нивното утро, сигналите оттаму честопати можат да се слушаат прилично добро. Во вечерните часови, кога нивото на јонизација на јоносферата се намалува, локалните сигнали исчезнуваат, оставајќи ги сигналите од далечниот запад „како на тацна“, со кои лесно може да се воспостави радиоврска, без пречки од блиските станици.

Во период на максимум сончеви пеги, веднаш по залезот на сонцето и настапување на првиот мрак, мртвата зона полека се проширува, така што во текот на ноќта, далечината на прескокнување на просторниот бран може да изнесува дури до 4000 километри, што значи дека локалните радиостаници нема да се слушаат и не можат да прават пречки, а се слушаат само оние кои се подалеку од 3 или 4 илјади километри. Во такви периоди на зголемена сончева активност, условите за воспоставување на радиоврски со далечни станици особено се поволни ако патот на радиобрановите во еден дел поминува низ делот од земјината топка на кој владее ноќ. Во годините со максимум сончеви пеги, единствен начин да се одржи врска со некој на блиско растојание од околу 100 - 400 километри е при ретки појави на прекршување или расејување од јоносферските слоеви или преку подолгиот пат (long path) со патување на радиосигналите околу целата земјина топка.
Атмосферските РФ-пречки (РФ-шум) на овој радиоаматерски банд се многу помали во однос на „пониските“ бандови (1.8, 3.5 и 7 MHz).

Брановата должина на овој фреквенциски опсег е 20 метри, па во однос на опсезите со поголема бранова должина, многу полесно се изработуваат антени. Дипол-антената и инвертед „V“ антена за овој банд имаат должина од 10 метри. Ако се постават на висина од 10 метри, колку што е половина бранова должина, веќе има услови за работа на подалечни врски. Вертикалната „GP“-антена за овој опсег треба да биде долга (висока) околу 5 метри, па тоа не е тешко да се постигне, а со таква антена се можни солидни DX-врски. Поради релативно малата бранова должина, за овој опсег можат да се изработуваат (или купат) насочени Yagi-антени, Quad-антени и слични, без притоа да треба огромен простор за нивно поставување. За добра работа на насочените антени, тие треба да бидат поставени барем на една половина бранова должина над земјата, а тоа за овој опсег е 10 метри, што исто така се постигнува релативно лесно.

Поради својата популарност, 20-метарскиот радиоаматерски банд честопати е преполн со сигнали. Кога ќе се појават некои подалечни и ретки станици, се создаваат „турканици“ од голем број на радиоаматери кои се обидуваат да воспостават врска. Многумина имаат големи насочени антени и работат со максимална дозволена РФ-моќ, па не е лесно да се го протнеме нашиот сигнал и да одржиме врска со реткиот DX, особено ако не располагаме со некоја квалитетна антена и РФ-засилувач кој ќе ни овозможи поголема РФ-моќ во антената. Сепак, има место и за радиостаници со многу мала РФ-моќ (QRP), па не е мал бројот на радиоаматери кои со употреба на 1, 2 или 5 W, наоѓаат задоволство и уживаат токму во предизвикот за одржување на радио врски со сосема мала моќност на своите радиоуреди, при што до израз доаѓа умешноста на радиооператорот со примена на своите вештини и искуство.

Кога бандот е „отворен“ многумина се наоѓаат пред дилема дали да се обидуваат да воспостават врска со реткиот DX и да се „борат“ за да се „протнат“ со својот сигнал во „турканицата“покрај мноштвото моќни сигнали, или да си побараат послободна фреквенција и да се обидат да одржат врска со друга DX-станица, која би наишла во моментот.
Распоредот на дозволени радио-емиисии во овој фреквенциски опсег е ист во целиот свет.

 

21 MHz (15 m)
Условите за простирање на радиобрановите на овој радиоаматерски опсег многу зависат од 11 годишниот циклус на сончева активност, односно од бројот на сончеви пеги.
Во годините на максимум сончеви пеги, бандот е речиси постојано отворен за DX-радиоврски, преку целиот ден и во текот на голем дел од ноќта. Притоа, поради малото слабеење на радиосигналите и поради малиот атмосферски РФ-шум, дури и со мали РФ-моќности можни се радиокомуникации на многу големи растојанија. Рано наутро пропагациите не се баш најдобри, но се подобруваат покасно во текот на денот.

15m

графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во краткобрановиот опсег од 21 MHz

Во годините кога сончевата активност е минимална, односно кога бројот на сончеви пеги е минимален, овој радиоаматерски опсег во најдобар случај може да е отворен само преку ден, во текот на летните месеци и најчесто само краткотрајно. Во текот на ноќта нема можност за воспоставување на радиоврски на големи растојанија, а во зимските месеци, бандот речиси воопшто не може да се користи.
Повремено се јавуваат рефлексии од јоносферскиот спорадичен слој Е (Е-спорадик), па тогаш се можни радиоврски на растојанија од околу 2000 километри.
Атмосферските РФ-пречки (РФ-шум) се многу мали и немаат големо влијание на овој радиоаматерски банд.

Веднаш по овој радиоаматерски банд е сместен 13-метарскиот АМ-радиодифузен банд (од 21.450 до 21.850 MHz), па некои радиоаматери имаат обичај да ги следат сигналите на овие радиодифузните станици за да проценат дали 15-метарскиот аматерски банд е „отворен“ или не.

Брановата должина на овој фреквенциски опсег е 15 метри, па во однос на опсезите со поголема бранова должина, многу полесно се изработуваат антени. Дипол-антената и инвертед „V“ антена за овој банд имаат должина од околу 6,75 метри. Ако се постават на висина од 10 метри, тоа е повеќе од половина бранова должина, веќе има услови за работа на подалечни врски. Вертикалната „GP“-антена за овој опсег треба да биде долга (висока) околу 3,38 метри, па тоа не е тешко да се постигне, а со таква антена се можни солидни DX-врски. Поради релативно малата бранова должина, за овој опсег можат да се изработуваат (или купат) насочени Yagi-антени, Quad-антени и слични, без притоа да треба многу голем простор за нивно поставување. За добра работа на насочените антени, тие треба да бидат поставени барем на една половина бранова должина над земјата, а тоа за овој опсег е 7,5 метри, што исто така се постигнува релативно лесно.

 

28 MHz (10 m)
Ова е највисокиот радиоаматерски банд во подрачјето на кратки бранови (КБ), а фреквенцискиот распон е ист во целиот свет и изнесува од 28000 до 29700 kHz, што значи дека е широк цели 1.7 MHz. Во тој простор се употребуваат различни видови (модови) и модулации. Освен CW-телеграфија или SSB-телефонија, како во другите краткобранови радиоаматерски бандови, овој банд е единствен банд на кратки бранови во кој е дозволена употреба и на фреквенциска модулација (FM).

10m

графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во краткобрановиот опсег од 28 MHz

Простирањето на радиобрановите на овој радиоаматерски опсег екстремно многу зависи од 11 годишниот циклус на сончева активност, односно од бројот на сончеви пеги. Овој банд може да се користи само во периоди на зголемена сончева активност (зголемен број на сончеви пеги) за одржување на радиоврски со помош на просторните радиобранови кои се одбиваат од јоносферата.

Во годините на максимум сончеви пеги, бандот е извонреден за одржување на DX-радиоврски, преку целиот ден, а при особено голема сончева активност, понекогаш е „отворен“ и во дел од ноќта и тоа е поизразено во летните месеци.
Кога бандот е „отворен“, неретко сигналите од DX-станиците се примаат со зачудувачки голема јачина, како да се локални, а мртвата зона се протега до околу 4000 километри, па во тие рамки, блиските радиостаници воопшто не можат да се слушнат.
Атмосферскиот РФ-шум и пречки се најмали во однос на сите други краткобранови опсези. Дури и со мали РФ-моќности можни се радиокомуникации на многу големи растојанија. Притоа, услов е патот по кој се простираат радиобрановите да биде на осветлениот дел од Земјата, односно во делот во кој не е ноќ. Во периодот со максимум сончева активност честопати има услови со мала РФ-моќ од само неколку вати да се одржи врска со најдалечните области во светот. На овој банд има поставено многу радио-фарови (beacons) кои емитуваат автоматски сигнали со мала РФ-моќ, па ако се слушаат радио-фарови од некој дел од светот, тогаш има „отварање“, односно одлични услови за одржување на радиоврски со тој дел од светот.
Во утринските часови најдобро се слушаат сигналите од Далекиот исток, а во касните попладневни часови, најдобро се слушаат сигналите од западните далечни земји (Северна Средна и Јужна Америка).

Во годините на минимум сончеви пеги, кога активноста на сонцето е минимална, на овој радиоаматерски опсег воопшто не можат да се воспостават DX-радиоврски. Само понекогаш се јавуваат краткотрајни можности за радиоврски на средни растојанија благодарејќи на рефлексија на радиобрановите од јоносферскиот спорадичен слој „Е“ (Е-спорадик). Површинските радиобранови на овој радиоаматерски банд достигнуваат до околу 40 километри.

Брановата должина на овој фреквенциски опсег е 10 метри и таа е најкратка од сите други радиоаматерски краткобранови опсези. Поради кратката бранова должина, антените исто така се релативно мали и се изработуваат полесно. Дипол-антената и инвертед „V“ антена за овој банд имаат должина од околу 5 метри. Ако се постават на висина од 5 метри, тоа е веќе половина бранова должина, па има услови за работа на подалечни врски. Вертикалната „GP“-антена за овој опсег треба да биде долга (висока) околу 2,52 метри, па тоа не е тешко да се постигне, а со таква антена се можни солидни DX-врски. Поради релативно малата бранова должина, за овој опсег можат да се изработуваат (или купат) насочени Yagi-антени, Quad-антени и слични (со повеќе елементи и големо засилување), без притоа да треба многу голем простор за нивно поставување. За добра работа на насочените антени, тие треба да бидат поставени барем на една половина бранова должина над земјата, а тоа за овој опсег е 5 метри, што исто така многу лесно се постигнува. Се разбира, колку антената е поставена повисоко над земјата - толку аголот на зрачење и прием е понизок кон хоризонтот, а тоа е попогодно за одржување на подалечни радиоврски.

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

 

WARC-бандови
Во продолжение се три таканаречени „WARC“-бандови во краткобрановиот појас. (WARC = World Administrative Radio Conference). Овие радиоаматерски опсези се одобрени за работа откако во 1979 година Светската радиоадминистративна конференција (WARC) даде препорака за тоа.
На овие краткобранови опсези не се организираат натпревари, па поради тоа посебно се интересни за оние радиоаматери кои не учествуваат во контести и сакаат да си работат нормални радио врски, без големата „гужва“ што ја предизвикуваат натпреварите.

10 MHz (30 m)
Триесетметарскиот радиоаматерски банд e широк само 50 kHz и ги опфаќа фреквенциите помеѓу 10100 и 10150 kHz, а се наоѓа помеѓу 40-метарскиот и 20-метарскиот радиоаматерски банд. За разлика од нив, овде не е дозволена работа на SSB-телефонија, туку само CW-телеграфија, а во последните 10 kHz може да се користат и теснопојасни дигитални модови. Бидејќи се наоѓа помеѓу 40-метарскиот и 20-метарскиот радиоаматерски банд карактеристиките на овој радиоаматерски опсег се слични на нив, поточно пропагациите се „нешто помеѓу“ оние на на 7 и 14 MHz.

30m

Графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во (WARC) краткобрановиот опсег од 10 MHz


Овде можат да се одржуваат DX-врски речиси преку целиот ден, иако условите за далечни врски на овој опсег генерално се подобри во текот на ноќта кога е можно да се слушаат радиосигнали и од најдалечните области на планетата. И на овој банд пропагациите за DX-врски се подобруваат долж сивата линија (grey line), во тесната област помеѓу денот и ноќта на Земјината топка, како и во периодите непосредно пред изгревање на сонцето и по заоѓање на сонцето. Дури и во периодот на минималната сончева активност (од 11 годишниот циклус) за време на минимум сончеви пеги, преку ден се можни радиоврски на голема далечина.
Како и на останатите два повисоки WARC-бандови (18 и 24 MHz) и овде не се одржуваат контести, односно нема натпревари, па оние радиоаматери кои не сакаат или не учествуваат во контести, можат да уживаат во одржување на радиоврски без пречки и „турканици“ од радиоаматерите кои учествуваат во натпревари.

 

18 MHz (17 m)
Седумнаесетметарскиот радиоаматерски банд e широк 100 kHz и ги опфаќа фреквенциите помеѓу 18068 и 18168 kHz, а се наоѓа помеѓу 20-метарскиот и 15-метарскиот радиоаматерски банд, па карактеристиките на овој радиоаматерски опсег се слични на нив, поточно пропагациите се „нешто помеѓу“ оние на на 14 и 21 MHz.

17m

Графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во (WARC) краткобрановиот опсег од 18 MHz


Како и на останатите два WARC-бандови (10 и 24 MHz) и овде не се одржуваат контести, односно нема натпревари, па оние радиоаматери кои не сакаат или не учествуваат во контести, можат да уживаат во одржување на радиоврски без пречки и „турканици“ од радиоаматерите кои учествуваат во натпревари.

 

24 MHz (12 m)
Дванаесетметарскиот радиоаматерски опсег е највисокиот WARC-опсег. Овој банд e широк 100 kHz и ги опфаќа фреквенциите помеѓу 24890 и 24990 kHz, а се наоѓа помеѓу 15-метарскиот и 10-метарскиот радиоаматерски банд, па карактеристиките на овој радиоаматерски опсег се слични на нив, поточно пропагациите се „нешто помеѓу“ оние на на 21 и 28 MHz. Тоа значи дека пропагациите на овој банд се многу зависни од 11 годишниот циклус на сончева активност, односно од бројот на сончеви пеги.

12m

Графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во (WARC) краткобрановиот опсег од 24 MHz


Како и на останатите два пониски WARC-бандови (10 и 18 MHz) и овде не се одржуваат контести, односно нема натпревари, па оние радиоаматери кои не сакаат или не учествуваат во контести, можат да уживаат во одржување на радиоврски без пречки и „турканици“ од радиоаматерите кои учествуваат во натпревари. Се разбира, тоа е можно само во периоди кога овој банд е „отворен“.

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

 

УКБ радиоаматерски опсези (VHF и UHF)

Во областа на ултракратките бранови (УКБ) со фреквенција повисока од 30 MHz се сместени следните радиоаматерски фреквенциски опсези:
50 MHz (VHF) со бранова должина од 6 m
144 MHZ (VHF) со бранова должина од 2 m
432 MHz (UHF со бранова должина од 70 cm
1296 MHz (UHF) со бранова должина од 23 cm

Колку фреквенцијата е повисока и брановата должина пократка, површинскиот бран е помалку изразен, а просторниот бран станува се позначаен фактор за одржување на радио врските. Кај ултракратките бранови (УКБ) со фреквенции од 30 MHz па нагоре, сè повеќе доаѓа до израз сличноста на радиобрановите со светлината, односно ултракратките бранови се шират со директни зраци, праволиниски, слично како светлината.

Сепак, секој од УКБ радиоаматерските опсези има свои посебни карактеристики. Поголема сличност со светлинските зраци имаат ултракратките бранови со помала бранова должина кои се познати како UHF (ultra high frequency), додека ултракратките бранови со поголема бранова должина, означени како VHF (very high frequency), особено опсегот од 50 MHz, понекогаш можат да се простираат на сличен начин како највисокиот краткобранов опсег (28 MHz), па во зависност од условите во атмосферата (тропосферата и јоносферата), да се оствари комуникација со целиот свет. Така на пример, во период на најголема сончева активност (максимум сончеви пеги) на најнискиот VHF-банд (50 MHz со бранова должина од 6 метри) се случуваат краткотрајни отварања при кои се можни радиоврски со целиот свет.

Кај долните радиоаматерски УКБ опсези (50 MHz и 145 MHz), понекогаш се јавува појава на одбивање на радиобрановите од јоносферскиот спорадичен слој „Е“ (Е-спорадик) кој се јавува повремено, при што е можно воспоставување на радиоврски на средно растојание (најчесто околу 1500-2500 километри). Интересно е тоа што на овие опсези, радиоаматерите пронашле начин на одржување врски и преку одбивање на радиобрановите од јонизирани метеорски трагови, авиони, потоа преку одбивање од Месечината и слично.

За радиаматерските врски преку јонизирани метеорски трагови, подетално можете да прочитате овде.

УКБ радиоаматерските опсези 145 МHz и 432 MHz се особено интересни бидејќи освен CW-телеграфија и SSB-телефонија, овозможуваат и комуникација преку репетитори со FM-телефонија (фреквенциска модулација).

 

Графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во VHF-опсегот од 50 MHz:

6m

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

 

Во продолжение е Банд-планот за 144 и 432 MHz:

u_v_band_plan

 

Графички приказ на распоредот на фреквенции и дозволени емисии во VHF-опсегот од 145 MHz:

2m1

 

Табела со влезни и излезни репетиторски фреквенции во VHF-опсегот од 145 MHz:

v-repetitori

На пример, ако сакате да работите преку репетитор RV4 (ознака на каналот RV-08), Вашата радиостаница треба да слуша на фреквенција од 145.700 MHz, а да емитува на 145.100 MHz (600 kHz пониско, односно -600 kHz). Види ја горната табела.

 

Табела со фреквенции на симплекс-каналите во VHF-опсегот од 145 MHz:

v_s_kanali

 

Табела со влезни и излезни репетиторски фреквенции во UHF-опсегот од 432 MHz:

1_uhf_repetitori1

На пример, ако сакате да работите преку репетитор RU1 (ознака на каналот RU-242), Вашата радиостаница треба да слуша на фреквенција од 433.625 MHz, а да емитува на 433.025 MHz (1600 kHz пониско, односно -1600 kHz). Види ја горната табела.

 

Табела со фреквенции на симплекс-каналите во UHF-опсегот од 432 MHz:

u_s_kanali

 

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

 

Миле Кокотов (2019 година)

Авторот е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката.

Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница


I Z33T home page I страници на македонски јазик I