zname_mk mk_z33t zname_mk

ЕЛИМИНАТОР НА ШУМ (РФ-ПРЕЧКИ) ЗА КБ-ПРИЕМНИК


I Z33T home page I страници на македонски јазик I


ЕЛИМИНАТОР НА РФ-ПРЕЧКИ И РФ-ШУМ (QRM ELIMINATOR)

Ако живеете во град или блиску до индустриски постројки, веројатно имате високо ниво на РФ-шум (QRM) на вашиот краткобранов радио приемник од локални извори што предизвикуваат пречки и потешкотии во примањето слаби радио сигнали.

Решението е или да излезете надвор од градот, во рурална област далеку од извори на РФ-шум или да го пробате овој практичен уред и да ги намалите или елиминирате локалните РФ-пречки што ги прима вашиот радиоприемник во вид на шум.

qrm1

Го направив овој QRM-елиминатор од Кит-комплет што го нарачав на eBay, но и без кит-комплет можете лесно да направите свој сопствен QRM-елиминатор, според прикажаната шема и фотографии, отстранувајќи или намалувајќи го нивото на РФ-пречки што доаѓаат до вашиот радио приемник.
Тоа навистина помага за да можете да слушате многу повеќе DX станици кои се скриени во океанот од РФ-шум.

QRM-елиминаторот е приклучен помеѓу трансиверот и антената без никакви дополнителни модификации на радио уредот. Склопот има вградена PTT контрола која му овозможува на QRM-елиминаторот да остане поврзан и за време на емитувањето.

qrm2

Потребна е дополнителна помошна приемна антена. Тоа може да биде само неколку метри жица во собата или надвор.

Несаканиот сигнал (РФ-шум) се прима со двете антени. QRM-елиминаторот ви овозможува да ја прилагодите фазата на сигналот, како и засилувањето на начин да го поништите несаканиот сигнал пред да стигне до радоприемникот. Се заснова на тотално иновативен концепт и не може да се спореди со нормалната изведба на „noise blanker“.

Критична компонента, која одредува колку ќе биде успешно поништувањето (намалувањето на нивото) на несаканиот локален RF-шум, е помошната антена, односно „антената за РФ-шум“ приклучена на конекторот означен како AUX. Тоа може да биде едноставна жица, неефикасна во примањето на далечни DX сигнали, но да прима локален RF-шум, кој обично е вертикално поларизиран.

Помошната антена треба да биде доволно кратка, за да може да прима само локален RF-шум, но не и DX-сигнали, инаку ефикасноста на поништување на шумот ќе биде помала.

QRM-елиминаторот овозможува прилагодување на фазата на сигналот и засилувањето, со цел да се поништат несаканите сигнали пред да стигнат до влезот на ресиверот.

Уредот има вградена PTT контрола за префрлување на внатрешните релиња заобиколувајќи ја патеката на сигналот, така што кога се емитува преку трансиверот, да не се оштетат или „спржат“ електронските компоненти на QRM-елиминаторот за време на емитувањето. Максималната RF-моќност на предавателот не треба да надминува 100W, бидејќи релињата што се користат во овој Кит-комплет се наменети за толкава максимална моќност.

Во никој случај не емитувајте со трансиверот, поврзан на QRM-елиминатор вклучен на напон, без приклучен PTT конектор!

- Главната антена треба да се приклучи на конекторот "MAIN" ANTENNA.
- Трансиверот треба да се приклучи на „TRX“ конекторот (приклучок за примопредавател)
- Помошната антена која треба да го прима локалниот РФ-шум треба да се приклучи на „AUX“ конекторот
- Напојување 12V (13,8V) /150mA треба да се приклучи на 12V DC приклучок.

Најдобри резултати може да се постигнат кога РФ-шумот од двете антени е со исто ниво, кога копчето MAIN ANT GAIN е целосно свртено спротивно од стрелките на часовникот, во спротивно треба да се експериментира со помошната антена која треба да се смени или помести.

Ако сакате да користите RF линеарен засилувач на предавателот (линеарец), тогаш QRM-Елиминаторот треба да биде поврзан помеѓу трансиверот и РФ-засилувачот.

Кога QRM-елиминаторот е исклучен преку прекинувачот или не е приклучен на напон, тогаш главната антена преку релињата е директно поврзана со вашиот трансивер, така што можете нормално да го користете и за прием и за емитување.

Упатство за употреба:
Вклучете го уредот, прилагодете го MAIN ANT-Gain така што нивото на РФ-шум да биде со исто ниво на двете антени, потоа со вртење на копчињата PHASE и AUX-Gain, и двете алтернативно, обидете се да постигнете минимален шум на звучникот/слушалките од радиоприемникот за дадена фреквенција. Потоа со вртење на ГЛАВНОТО копче ANT-Gain обидете се да најдете таква положба на потенциометарот, што РФ-шумот да биде најмал. Ако не е можно, повторно нагодувајте ги копчињата PHASE и AUX-Gain додека не се најде (постигне) минимален шум.

Првиот обид може да биде малку тежок, но не се откажувајте премногу рано.
Кога ќе се најде минимумот од локалниот шум, тој мора да биде речиси целосно исчезнат, а DX сигналите можат да се слушаат. Ако исчезне и DX-сигналот, тоа значи дека помошната антена приклучена на AUX, заедно со несаканиот локален RF-шум прима и далечни DX-сигнали. Во тој случај, AUX антената треба да се смени, премести или измени.

Бидејќи сите 3 копчиња (потенциометри) се меѓусебно зависни и поместувањето на едното копче влијае на другите две, нагодувањето може да биде малку незгодно, но на крајот, со стрпливо нагодување, резултатот може да биде одличен, така што ќе можеме да слушнеме многу слаби DX сигнали кои не можевме да ги слушнеме без овој QRM-елиминатор поради високо локално ниво на РФ-шум.

 

sch_s

Кликенте на горнава шема за да ја видете во поголема резолуција

 

qrm3

 

qrm4

 

qrm5

 

qrm6

 

qrm7

 

qrm8

 

Кит-комплетот за QRM-елиминаторот го нарачав од овде.

Кутијата и конекторите и копчињата за потенциометрите ги купив од Логинг Електроникс - Скопје.

Натписите ги правев во Corel Draw и ги испечатив на проѕирна самолеплива пластична фолија, а потоа ги залепив на кутијата.

 

На YouTube има многу видео презентации за практичната работа на овој QRM-елиминатор. Еве неколку линкови:

1. QRM Eliminator X-Phase in practice

2. QRM Eliminator X-Phase in practice

3. QRM Eliminator X-Phase in practice

 

 

 

 

- - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - -

Миле Кокотов (2020 година)

Миле Кокотов е магистер по технички науки, со искуство од речиси 40 години во РФ-техниката и е Претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија

Разгледајте ги и другите написи и проекти на неговата веб-страница


I Z33T home page I страници на македонски јазик I